Изминатата година за македонската култура почна со бура од реакции по објавената Годишна програма на Министерството за култура за проекти што добиле државни пари. На виделина излегоа пропусти и нелогичности и беа откриени одлуки за проекти на самите членови на комисиите или за проекти на нивни блиски.

По бројните негодувања во февруари и секојдневни посочувања на примери за несоодветности во распределбата на буџетот, беше побарано повлекување на програмата, а прозваното министерство соопшти дека е подготвено да испита евентуални неправилности при аплицирањето и одлучувањето на комисиите и да спроведе дисциплински постапки. Беа повлечени најспорните десет проекти, со вкупна сума од 8.519.000 денари, кои најмногу предизвикаа реакции. Главно, тоа беа проекти на здруженија од Тетово и Гостивар.

За да не се повтори и со Годишната програма за 2019-та, актуелниот министер за култура Асаф Адеми, кој функцијата ја презеде од Роберт Алаѓозовски по реконструкцијата на Владата во јуни, на крајот од годината најави нулта толеранција за какви било злоупотреби. Отвори и телефонска линија на која е достапен за укажување на неправилности, а на одговорност ги предупреди деветте комисии кои одлучуваат по дејности и ги соопшти имињата на нивните претседатели. Ефектот од овие превентивни мерки останува да се види за неколку седмици кога ќе бидат соопштени поддржаните проекти. А буџетот кој културата ќе го има за наредната година е 3,1 милијарди денари.

За разлика од 2017-та кога новата влада стапи на функција, во 2018-та помалку енергично се зборуваше за „Скопје 2014“ и освен отстранувањето на Андон Ќосето, сите други споменици си останаа на своето место. Работната група на Министерството за култура ги доставува заклучоците до Владата за натамошно постапување, а за некои соработува и со Специјалното јавно обвинителство. Иако има неколку општини што би презеле некои споменици зашто тематски и историски таму и припаѓаат, проблем се процедурите затоа што тие споменици се незаконски поставени.

– А ако се незаконски поставени за Скопје, нивното поставување и во други општини ќе биде, исто така, незаконски, велат од ресорното министерство.

За „Скопје 2014“ беше организирана конференција на која проектот беше оквалификуван како производ и отелотворување на поимот заробена држава, зашто со него, според учесниците, биле суспендирани Уставот и законите, злоупотребени и узурпирани надлежностите на одговорните институции за на криминален начин да се одлеат буџетски пари за стекнување незаконски профити. Тие открија дека „Скопје 2014“ формално и не постоел како проект зашто никаде немало одлука за него, туку се правел парцијално и почнал со споменикот Воин на коњ.

Работна група ја преиспитуваше и општествената и стручната оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим. Таа не предложи негово затворање, туку преименување и скратување на името во: Музеј на македонската борба за државност и самостојност, како и нова историска поставка во која оригинални документи и предмети ќе ги заменат восочните фигури и сценографии. Работната група оцени дека сегашната поставка е театарска, а не научна и дека е слика за партизација зашто доминираат експонати поврзани со основањето на историското ВМРО до сегашното ВМРО-ДПМНЕ.

Во годината која ЕУ ја прогласи за Европска година на културното наследство, во Македонија беше актуелизирано значењето на три репрезенти кои со својата уникатност заслужија да бидат и на националните банкноти од 10, 50 и 500 денари. Со американски грант заврши конзервацијата на крстилницата од епископската базилика во Стоби во чиј мозаик со векови опстојува паунот отсликан на десетденарките.

Проектот за заштита и презентација на овој споменик од раното христијанство, кој вклучуваше конзервација на мозаикот во крстилницата беше готов пред пет години, но недостигот на средства ја одложуваше заштитата сѐ до 2016 година, кога на НУ Стоби ѝ беше доделен првиот грант од Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во Македонија. Со американски пари беше овозможена целосна конзервација и реставрација на крстилницата од базиликата во изминатите две години.

Со поддршка на ЕУ беше организирана и конференција за валоризација на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново од 12 век – ремек-дело на византиското сликарство, заедно со иницијативата Факел на културното наследство како можност да се промовира македонското културно и религиозно наследство. Археолошкиот музеј, пак, во јануари ќе ја отвори ексклузивната изложба на златните маски од охридско Требениште од 6 век п.н.е. и на едно место првпат пред македонската јавност ќе бидат претставени тие што се изнесени во Бугарија и Србија заедно со предметите кои од таа некропола се останати во Македонија.

Изложбата беше планирана во ноември, но од административни причини нејзиното отворање е одложено за почетокот на 2019-та. Владата во октомври одлучи да се обезбедат 1.200.000 денари за организирање на изложбата „100 години Требениште“ по повод еден век од првите истражувања на тој локалитет кај Охрид.

Годинава имаше и ново палеонтолошко откритие во близина на неготинско Долни Дисан. Во април беа откриени фосилни остатоци од изумрен вид слон, стари околу осум милиони години. Иако и досега се најдени вакви остатоци во Македонија, она што го прави уникатен овој пронајдок е што скелетот е комплетен и ќе биде дел од постојаната палеонтолошка поставка на Природонаучниот музеј.

Музеј на Град Скопје, пак, на својата фасада од источната страна повторно ја има пораката што Јосип Броз Тито ја кажал на 27 јули 1963, ден по катастрофалниот земјотрес, а која беше отстранета во 2001 година наводно поради реконструкција на музејот. Главниот град доби и две нови музејски установи – Музеј на илузии и возобновениот Меморијален музеј за илегалната изработка на оружје во НОВ.

Националните и локалните установи од културата и годинава реализираа проекти кои си го наоѓаат патот до публиката – премиерни претстави, промоции на нови изданија, изложби, концерти и нови филмови. Два го привлекоа вниманието уште пред да бидат прикажани – филмот „Еј“ на Васил Христов во ноември доби публицитет поради приказната за исчезнување и киднапирање премиер што случајно се совпадна со реалното исчезнување на поранешниот премиер Груевски.

За разлика од овој филм, кој „сопнуван“ поради темата десет години останал заглавен во постпродукција, иако официјално никогаш не бил забранет, за филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи во октомври имаше обид за забрана и преку суд. Пред да биде прикажан Министерството за култура оцени дека е навредлив за Албанците и му штети на соживотот. Во Скопје филмот имаше единствена премиерна проекција на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“, но не и редовен кинорепертоар.

Во март се појави скандалозно издание на Агенцијата за млади и спорт – збирка песни од конкурсот „Млади поети“, во која се протнале две со ксенофобична и навредлива содржина. Беше повлечен целиот тираж од натамошна дистрибуција. Одговорноста си ја префрлаа надворешна стручна комисија и директорот на АМС Дарко Каевски, кој рече дека чувствува морална и професионална одговорност, но не поднесе оставка.

Поради немање саемски простор, Саемот на книга првпат се одржа во спортската сала „Борис Трајковски“. Издавачите рекоа дека ги имале потребните услови, оценувајќи дека иако е на нова локација, саемот го задржал ланското ниво на посетеност. Спортска сала е несоодветна за саемска манифестација, но со оглед на околностите, овој заменски простор, според нив, бил најдобро решение зашто го зачувал континуитетот на Саемот на книга кој во 2018-та наполни 30 години.

Литературата годинава остана без двајца мајстори на зборот чии дела за генерации македонски ученици беа задолжителна наставна содржина – академиците Матеја Матевски и Горан Стефановски. Колегите од МАНУ за Матевски рекоа дека е човек епоха во македонската поезија, личност со фасцинантна уметничка ерудиција, грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направиле величина која ги надмина границите на Македонија.

Од познатиот драмски автор, пак, за кого беше речено дека зборот занает го претпочитал пред зборот уметност, со проштални пораки се збогуваше театарската фела од целиот Балкан, како и неговите британски студенти на Универзитетот во Кентeрбери. Театарот годинава ги загуби и режисерот Љубиша Георгиевски, актерите Љупка Џундева, Мите Грозданов, Салаетин Билал, Ванчо Петрушевски.

Две вести од глобалната култура го привлекоа вниманието на светот во 2018 – загубата на непроценливо културно наследство на Бразил откако во август целосно во пожар беше уништен Националниот музеј во Рио де Жанеиро. Огнот проголта вредни експонати, египетски мумии, фрески од Помпеја, речиси 20 милиони културни и научни дела и многу остатоци од бразилските автохтони народи.

По речиси 70 години не беше доделена Нобеловата награда за литература. Шведската академија соопшти дека одлуката ја донела поради „девалвирање и намалена јавна доверба во академијата”. Причина беа обвинувања против нејзин член за сексуално вознемирување. Од 1901 година Академијата седум пати не ја доделила наградата, а последен пат во 1949 година. Лауреатот за 2018. ќе го соопшти заедно со лауреатот за 2019 година.

Хатка Смаиловиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2018 11:48