Зголемена телесна температура од 38 до 40 степени, главоболка, малаксаност, вознемиреност, солзење на очите, течење на носот, сува кашлица – ова се симптомите кои наведуваат на грип, но и првиот сигнал за мали сипаници – морбили. Карактеристично за морбилите е што во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени.
Примариус д-р Лилјана Лазаревска, началник на епидемиолошкото одделение во Центарот за јавно здравје, за Фактор вели дека простор за паника нема. Симптомите кај морбилите се слични како оние на грипот, но тие навреме треба да се препознаат и да се побара стручна помош. Mалите сипаници, вели д-р Лазаревска, се акутно, вирусно, многу заразно заболување, предизвикано од вирусот на морбили, кое се манифестира со катарални симптоми и макулопапулозен исип, а се јавуваат во помали и поголеми епидемии. По инкубација од 10-12 дена, се јавува зголемена телесна температура од 38 до 40 степени, главоболка, малаксаност, вознемиреност. Истовремено се јавуваат и катарални симптоми како солзење на очите, течење на носот, сува кашлица т.н. “плачна маска“.
-Карактеристично е што во устата се појавуваат бели наслаги што се задржуваат два до три дена, а по еден до два дена се јавува осип на кожата со телесна температура од 38 до 40 степени. Првиот осип (макули) се јавува навечер, во пределот на косата. По еден до два дена, тој осип се шири по целото тело, при што кожата станува видливо црвена, со ситни макулозни промени. Осипниот стадиум трае 3 до 6 дена и потоа осипот почнува да бледее, а по една недела се губи”, вели прим. д-р Лазаревска.
Како се пренесува болеста и што треба да се направи додека трае?
-Малите сипаници, додава д-р Лазаревска, се типично респираторно заболување и се пренесува преку воздушно-капков пат. Покрај горните дишни патишта, како влезна врата се и коњуктивите. Резервоар на инфекцијата е исклучително човекот, дoдека изворот на заразата се секретите на заболениот. Се смета дека 90% од луѓето без имунитет кои го споделуваат животниот простор со заболеното лице ќе се заразат. Во тешките форми на заболувањето може да се добие бронхопневмонија, бронхиолитис, ларингитис или бактериска пневмонија како дополнување на основната болест. Во потешки форми се јавуваат и отитис-воспаление на увото, синуситис-воспаление на синусите, и енцефалитис-воспаление на мозочните обвивки. Најважно е болниот во текот на заболувањето да се изолира, да седи во домашни услови, на амбиентална температура од 24 степени, да зема многу течности, чаеви, природни сокови и витаминска терапија. Ако болеста е пропратена со висока температура со контрола и препорака на лекар се земаат и антипиретици – лекови за намалување на истата. Болеста, објаснува д-р Лазаревска, се пренесува преку воздух, со ситните капки секрет од дишните патишта кои при кашлање, кивање и гласно зборување ги исфрлаат заразените лица. Вирусот може да живее до два часа во надворешната средина и тоа на предмети и површини што даваат можност за индиректно пренесување како детски играчки, загадени предмети и работни површини. Согласно Календарот за имунизацијата во Македонија, вакцинацијата против мали сипаници се дава во две дози. Првата доза по навршените 12 месеци од животот, а втората на 6 годишна возраст. Траен имунитет се создава по прележување на заболувањето и штити во текот на целиот живот. Во Скопје прогласена епидемија! Се очекува зголемување на бројот на заразени! Епидемија на мали сипаници се прогласува кога има повеќе епидемиолошки поврзани случаи. Зголемување на бројот на заболените од мали сипаници обично се јавува циклично на секои 2-3 години. Во зависност од текот на епидемијата се предлагаат и преземаат соодветни мерки, што вклучува дополнително и евентуална вакцинација на одредени групи на лица, блиски контакти во семејството, затворени колективи, колективи со групно сместување. Засега се евидентирани 25 лабораториски потврдени случаи, но нивниот број се очекува да биде поголем.
“Наша должност и обврска е да им укажеме на родителите и апелираме за нивно вакцинирање, а да би се избегнало заразувањето и евентуално можните компликации. Според опфатот на вакцинација заклучивме дека кај децата родени во 2012 година многу е намален опфатот на вакцинација со МРП, и изнесува околу 80 отсто. За да бидеме сигурни да не дојде до епидемија ни треба опфат од 95 до 98 отсто. Ставот наш е дека најдобар начин на заштита е вакцинацијата со две дози вакцина против мали сипаници. Како најчести компликации се примарното вирусно воспаление на белите дробови, морбилиформен постинфективен енцефалитис”, вели прим. д-р Лазаревска.
Согласно Законот за заштита на населението за заразни заболувања, вакцината против мали сипаници е задолжителна за лицата до 14 годишна возраст. Засега во скопските градинки и училишта нема случаи на морбили. Епидемија на мали сипаници имаше и во 2010/ 2011 кога заболеа повеќе од 900 лица. Морбилите имаат широка дистрибуција низ светот, а луѓето се единствените природни домаќини. Вакцинацијата против морбили во светот започнала во шеесеттите години на 20 век. Во 2000- тата година морбилите беа на петто место од причините за смрт кај децата ширум светот, со пресметани 777 000 смртни случаи. Епидемиолозите апелираат родителите да не одбиваат да ги вакцинираат своите деца, бидејќи на тој начин оставаат можност за проширување на болеста во сериозни размери. И покрај казните за бојкот на редовната вакцинација кои се движат до 650 евра, минатата година околу педесетина родители заработиле прекршочни пријави бидејќи одбиле да ги вакцинираат децата. (фактор)