Координативното тело за организирање на манифестациите поврзани со празникот „Богојавление – Водици“, денеска во општина Охрид одржа работен состанок, на кој присуствуваше и в.д. градоначалникот Константин Георгиески.
Централната манифестација посветена на празникот, традиционално и годинава ќе се одржи на 19 јануари. Одбележувањето ќе почне со утрински богослужби во парохиските цркви, а спуштањето на Светиот крст во водите на Охридското Езеро ќе биде од Градското пристаниште.
За безбедноста на капачите, како што соопшти Општина Охрид, и годинава ќе бидат задолжени медицински тимови, спасителите на вода и нуркачи.
Во рамките на празничните чествувања, на 20 јануари ќе се одбележи „Денот на рибарите“, а за подготовка на рибната чорба и годинава ќе бидат задолжени учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“.
Организаторите на манифестацијата, Општина Охрид и Македонската православна црква, во знакот на празникот „Богојавление – Водици“ дополнително ќе го украсат централното градско подрачје со знамиња и зеленило.