Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, денеска им додели признанија на неколку организации и поединци кои во 2018 година дале посебен придонес за реализација на активности и проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на општината.
– Денеска им доделувам признанија на неколку месни заедници и поединци, за кои оценив дека во 2018 година забележаа резултати и дадоа посебен придонес за благосостојбата на нашите граѓани, и тоа преку одлична соработка со Општина Гостивар, но и со други институции – рече Таравари.
Благодарници им беа врачени на месните заедници на Чајле, Чегране, Форино, Лакавица и Дебреше. Овие месни заедници минатата година реализираа повеќе активнисти и го помагаа работењето на локалната самоуправа.
Таравари изрази подготвеност да обезбеди фонд за месните и урбани заедници со што ќе има поголема поддршка од страна на општината за решавање на локални проблеми.
Градоначалникот Таравари им додели признанија и на четворица поединци за кои оцени дека нивниот вложен труд исто така остави траг во 2018 година – Шпенд Сулејмани, поранешен в.д. директор во Ученичкиот дом, Беким Аме претседател на Здружението на лица со посебни потреби “Порака” од Дебар за спроведените проекти во гостиварско и координаторот за соработка со Република Турција, Г’зим Хаџи Ејуп. Признание му беше доделено и на Хакан Гостивар, иселеник кој живее во Турција за ангажманот во хуманитарни акции и донации во Гостивар и гостиварско.