Бугарските државјани и денеска беа меѓу најбројните посетители на градскиот пазар во Делчево каде ги полнеа кошниците со квалитетни раноградинарски култури и овошје. Анкетираните велат дека овде најмногу доаѓаат токму поради квалитетните производи, а освен раноградинарски култури купуваат и месо, ориз, сирење, неретко и гардероба.
-Ми се допаѓа овде во Делчево, пазарот ви е доста наполнет, имате квалитетна понуда, по прв пат сум тука и ми се допаѓа. Најмногу го бендисав оризот за кој сите во Бугарија велат дека е со екстра квалитет. Од другите производи кои надалеку се прочуени кај нас се вашето домашно сирење како и месото. Ќе одбереме од се по нешто, вели посетителка од градот Симитли, Бугарија.
Некои од посетителите, како што велат, во Делчево доаѓаат за да ја видат и туристичката понуда на градот, за кој велат дека е еден од најчистите кој имале прилика да го видат во рамки на нивната организирана тура низ Македонија.
-Многу ни се допаѓа, иако времето е прилично ладно. Од она што можевме да го видиме, како град Делчево е едно навистина уредено и чисто место, рекоа две госпоѓи од Благоевград, Р. Бугарија, кои додадоа дека во Делчево редовно доаѓаат на прошетка со своите сограѓанки.
За оние кои патувањето им е пасија посетата на Делчево беше можност да се одбере нов сувенир во богатата колекција која ја поседуваат.
-Одиме на различни места и претежно купуваме сувенири, овде кај вас гледам има евтини работи и сигурно ќе најдеме нешто за спомен, кажа посетителка од Северна Бугарија.
Во сабота ова е најчестата глетка која може да се забележи во Делчево. Освен пазарот кој е преполн со гости од Бугарија преполни се и кафеаните. Тука по паузата од пазарниот ден Бугарите остануваат на ручек, а дел од нив се чести гости и за викендите каде уживаат во делчевската идила.