Волонтерите на Општинската организација Црвен крст-Штип вечерва ги посетуваат социјално загрозените семејства во селата од Лакавичкиот регион. Лошите временски услови, снегот и непристапноста до одредени куќи во неколку села во овој регион вечерва не претставуваат пречка за волонтерите, кои им носат прехранбени продукти по повод Бадник и Божик.
Претседателката на ОО Црвен крст –Штип, Викторија Милановска вели дека вечерва посетуваат вкупно осум семејства, а станува збор пред се за возрасни луѓе и семејства, кои се социјално загрозени.
-Бадникарски зелник и колачиња, свежо и суво овошје, конзервирана храна и се што е потребно за бадниковата трпеза им доставуваме на семејствата директно до домовите. ОО Црвен крст-Штип спроведе низа на хуманитарни активности непосредно пред новогодишните, а со иста динамика продолжуваме и во пресрет на божикните празници, им помагаме на семејствата кои живеат во социјален ризик, да можат достоинствено да ги поминат празниците, изјави Милановска.
Таа посочи дека на волонтерите не им е мачно што поминуваат низ тешко пристапните патишта кои водат до куќите на семејствата, бидејќи хронично гладните ја доживуваат полната празнична трпеза како вистинско чудо, а децата веруваат во Дедо Мраз, кој со години заборавил на нив, а сега им ги слушнал желбите.