Земјоделците годинава конечно ќе добијат зелена нафта. Средства за оваа мерка се обезбедени, но се уште не се знае кога земјоделците ќе ја имаат на располагање зелената нафта. Од Платежната агенција велат - треба да се направи комплетна пресметка на барањата, а потоа да почне имплементацијата на мерката, пренесува Телевизија Сител.
Крајна фаза е моделирањето, начинот на кој таа зелена нафта ќе стигне. И, буквално ќе биде достапна секаде, во најблиските бензиски пумпи на земјоделците, за да го намалиме трошокот, а да има ефект од оваа мерка, вели директорот на Платежна агенција, Николче Бабовски.
Од Агенцијата велат дека во минатата година исплатени биле 99,9 отсто од предвидените средства за субвенции и помош за земјоделците. Главен приоритет на Агенцијата бил да се исплатат заостанатите долгови од 2013 година наваму.
Исплатени се 6 милијарди, 751 милиони денари. Тоа се директни пари кои што се отидени кај земјоделците, вели Бабовски.
Директорот вели дека субвенциите се исплаќаат навремено. Односно, во оној период за одредена дејност, кога е најпотребно.
Мерката зелена нафта во изминатиот период често пати беше предмет на препукување меѓу опозицијата и власта. Опозицијата обвинуваше дека власта лажно им ја ветила оваа мерка на земјоделците. Министерството, пак, се правдаше дека ветено било оти таа ќе се имплементира во првите две години од мандатот, а не веднаш по стапувањето на должност.