Со пеење на песната „Вечниот бог“, традиционално по шести пат најмладите охриѓани денеска ќе бидат дел од Бадниковата поворка, која ќе тргне од пред црквата „Свети Ѓорѓи“, а ќе заврши пред храмот „Света Богородица“ .
Во чест на Христовото раѓање поворката ќе се движи низ повеќе улици во градот се до Градскиот плоштад каде е поставена макета од пештерата, која го најавува Христовото раѓање, изработена од монахињите од манастирот во Рајчица. Таму децата ќе бидат дарувани со пакетчиња, а потоа ќе продолжат низ охридската чаршија се до црквата „Света Богородица – Каменско“, каде ќе заврши со Бадникова посна трпеза.
На годинашната Бадникова поворка на децата во Охрид ќе им се придружат и нивните врсници од селото Велгошти и од општина Дебрца.
Најмладите стружани, пак, по празничната литургија во црквите во Струга, Бадниковата поворка ќе ја почнат од пред црквата „Свети Ѓорѓи“ и ќе се движат како познатата Струшка литија. По завршување на поворката, во дворот на црквата ќе се дели топол чај и посни колачи.
На поворката може да учествуваат сите деца, кои имаат желба да бидат дел од настанот.
Инаку, Охрид беше меѓу првите градови во државата, кој ја почна традицијата за најава на Христовото раѓање со Бадникова поворка и песна.