Во пресрет на Божик, прилепското здружение на жени „Преродба“ ги одржува традиционалните обичаи за Бадник.
Претседателот на Здружението, Лилјана Ѓорѓиоска истакна за Бадник, традиционално, семејството се собира крај посната трпеза, заедно, сплотено со симболична порака за заедништвото на целото семејство.
– На трпезата има од сé по нешто од посните јадења: посна сарма, грав, мазник со ориз, потоа костени, ореви, повеќе видови овошје, она што го има куќата. Симболиката е јасна – годината која започна да биде посреќна, побериќетна.. И што е најбитно, силна е изреката: За Бадник и за Божик, кај и да си, дома да си. Ние како здружение ги одржуваме сите обичаи, сакајќи да ги пренесеме на помладите генерации, зашто традицијата е таа која нé одржува, нé сплотува, посебно во овие времиња кога повеќето млади се низ целиот свет, вели Ѓорѓиоска.
Таа посочи дека Прилеп има своја посебност кога е во прашање барањето на среќната паричка.
– Мазникот со среќната паричка во Прилеп е обичај да се направи за Василица. Има некои кои тоа го прават за Бадник, ама главно, среќната паричка се бара на Василица. Кој ќе ја најде, се верува, ќе биде среќен целата година, додаде Ѓорѓиоска.