Со пеење на песната „Вечниот бог“, најмалите стружани денеска прошетаа низ улиците во градот носејќи макета од пештерата во која се родил Исус Христос и го најавија Христовото раѓање.

Бадниковата поворка тргнаа од пред црквата „Свети Ѓорѓи“, а дечињата со ѕвезди и ѕвончиња поминаа низ улиците во централното градско подрачје, движејќи се по кејот на реката Црн Дрим и низ Чаршијата најавувајќи ја големата радост. Поворката заврши во храмот од кај што тргнаа, каде беа послужени со топло чајче и посни колачиња, а добија и пакетчиња.

Децата велат дека се среќни што можат да учествуваат во поворката и пеејќи ја „Вечниот Бог“ да внесат радост во православните семејства. И повозразсните стружани изразија задоволство што се негува традицијата во градот и им се пренесува на најмалите.

Во Струга не беше изоставена ниту коледарската традиција. Дечињата рано утринава одеа во домовите каде беа дарувани со посни колачиња, пари, бонбони, овошје…



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2019 15:22