Трета година по ред над стотина деца со нивните родители, младинци и други верници ја изведоа Бадниковата поворка во Тетово. Поворката, беше благословена од митрополитот тетовско – гостиварски господин Јосиф, а започна од соборниот храм Свети Кирил и Методиј за потоа со пеење на песната Вечниот бог да ги помине централните градски улици и булевари.

-Ме радува што ве гледам во волкав голем број, се побројни од лани и што ја пеете оваа прекрасна песна Вечниот бог. Одовде од овој храм сега ќе појдете по градските улици пеејќи ја истата песна и ќе го делите благословот и мирот божји низ тетовските улици. Господ да ве благослови и да се гледаме што порадосни и повесели, им порача на учесниците во поворката господин Јосиф.

-Трета година по ред со оваа поворка и песната Вечниот бог го славиме Бадник и го најавуваме Христовото раѓање. Сите овде што се дојдени се дојдени да го празнуваат мирот, љубовта и добрата волја за достојно да го одбележиме овој ден, рече Крумислав Божиновски од организацискиот одбор.

Во рамките на одбележувањето на Бадник во тетовско во манастирскиот комплекс Свети Ѓорѓија во Мала Речица се изврши мал водосвет, а во соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово беа осветени бадниковите гранки и запален Бадниковиот оган.

Бадник во Тетово се одбележува и со бадникови огнови низ повеќе маала и населби во градот и неговата околина додека помладите но и повозрасните со маски го продолжуваат празнувањето по кафулињата и рестораните низ Тетово.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2019 15:43