Во селото Горно Оризари, во близина на Велес, попладнево целосно изгоре столарската работилница на Алија Авдовиќ жител на ова село. Во огнената стихија изгореле и машините и материјалите за работа, но, за среќа нема жртви.
Пожарот бил пријавен во 12:30 часот во ППЕ од Велес од каде веднаш интервенирале со едно возило и четири пожарникари.
Увид на местото на настанот направила екипа на СВР Велес.
Првичните проценки се дека пожарот во столарската работилница бил предизвикан од ќумбе на дрва и струготини, а избил кога столарот бил излезен на кратко.
Инаку, ова е втор пожар во ова велешко село од почетокот на годинава. Во пожар предизвикан од две ќумбиња на 1 јануари изгоре трошна куќа и во неа 80-годишен старец.