Берово во изминатите десетина дена беше едно од најпосетените места во Македонија. Причина за ова како што наведуваат туристичките работници се Новогодишните и Божикните празници кои придонесоа во најголем дел да бидат резервирани сите поголемите туристички капацитети во градот. Меѓу најбројните гости, според угостителите, се туристите од Бугарија, но и гостите од Скопје.
-Имаше голема посетеност во Берово, посебно во туристичката населба Беровско Езеро. Задоволни сме бидејки туристи кои минатата година овде поминале убави моменти, не рекламираа кај други туристи со што ја ширеа приказната за нашата гостопримливост. Тоа ни годи и е за нас е приоритет. Годинава имавме туристи од Скопје, Штип, Кавадарци и Струмица, а секако меѓу најбројните беа гостите од Република Бугарија, вели Владо Стоиловски, сопственик на приватен туристички комплекс во туристичката населба Беровско Езеро.
Во оваа населба има околу 70 туристички објекти кои годинава успеаја да ги задоволат потребите на гостите кои покрај чистиот воздух, најмногу го посетуваат Берово и поради добрата храна.
-Ни се допаѓа овде, воздухот е чист, гратчето прекрасно. Еве сега има и снег што ја надополнува целата приказна. Овде исто така има многу објекти кои нудат добра храна поради што и најчесто сме тука, речиси 3-4 пати во годината доаѓаме само поради преубавото јадење, вели гостинка од Благоевград.
Развојот на туризмот во Малешевијата годинава се зајакнува со уште еден важен проект кој оди во прилог на убавата слика за туристичко Берово. Во 2019 година е најавено интензивирање на работите за конечно започнување со работа на граничниот премин „Клепало", кој уште повеќе ќе ги зближи граѓаните од двете страни на границата. Се очекува тоа на Берово да му донесе повеќе гости од Бугарија, но и значително да влијае за уште поголем развој на туризмот во Берово.