По литургијата во црковниот храм „Св.великомаченик Димитриј“ во Крива Паланка, на централниот градски плоштад се одржа прославата на Бадник во организација на локалната самоуправа и годинашниот кум, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Свештенослужителите од Кривопаланечкото архиерејско намесништво и со архиерејскиот намесник Александар Смиљковци ја осветија и благословија погачата со паричка, а присутните граѓани и верници со Бадникарски и Божикен поздрав ги благослови протојереј ставрофор Добринка Бошковски.
По ова следеше кршење на лепчето кое им беше поделено на пријавените за ново кумство, а најсреќен меѓу нив беше Константин Стојановски.
– Оваа 2019 година посакувам да биде година на еднаквоста, на солидарноста и помагањето на помалку моќните, на послабите, на сите оние на кои секојдневието бара да им подадеме рака, за што ние сме обврзани и мора да бидеме одговорни, дека сме тука за сите и како поединци и како институции. 2018 година беше година во која направивме подготовки со проекти и решавање на проблеми за да може оваа година да биде година на економски раст, на развој и на Крива Паланка но и на целата држава,на сите нас, рече во обраќањето министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Посочи дека е убеден оти 2019 ќе биде година и на Крива Паланка и на Македонија и на сите граѓани на Македонија.
И градоначалникот на општината, Борјанчо Мицевски, им го честиташе празникот на Кривопаланчани.
– Овој празник го одликуваат семејните вредности, сплотеност, взаемно почитување и разбирање. Денес не говориме за политички достигнувања, туку си посакуваме здравје, посакуваме да имаме што повеќе внимание и поминато време со своите најблиски и со нивна заемна помош да постигнуваме заеднички успеси со кои ќе се гордееме сите, рече Мицевски.
Присутните се развеселија со звуците на старата македонска песна, а волонтери на општинската организација на Црвен крст помогнаа во делење топли напитоци од организаторите.