Македонскиот краткометражен филм „Црни и криви“ на Марко Џамбазоски доби признание на романскиот фестивал „12 Mоnths Film Fеstivаl”, што се одржува во Клуж-Напока. Филмот е награден во две категории „Награда од публика“ и „Продуцент на месецот“.
Филмот досега беше прикажан на повеќе филмски фестивали низ светот меѓу кои и: „Пула Филм Фестивал“ (Хрватска), „Синедејс“ (Македонија), „Slum Film Festival” (Кенија), „Омладински“ (Босна и Херцеговина), Early Bird (Бугарија), InShort Film Festival (Нигерија), RIFAC (Тунис), East Anglian Film Festival (Англија), Lift-off (Англија), Comedy Cluj (Романија), Diorama (Индија), Linea d’Ombra (Италија) Balkans Beyond Border (Србија) и други.
„Црни и криви“ е македонска комедија во режија на Марко Џамбазоски, кој е и сценарист и монтажер на филмот, извршен продуцент е Бошко Мангаровски, Марко Димитриевски е директор на фотографија, а главните улоги ги толкуваат: Горан Ников, Тони Денковски, Чедомир Митевски, Ердоан Максут, Мирјана Трпковска. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје.