Екстремно ниските температури што го зафатија Пијанечко-малешевскиот регион може штетно да се одрази по овошните насади сметаа агрономите. Според Неџбедин Мемедов, од Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството во Делчево, штетата врз овошките ќе биде помала доколку температурите се движат во рамки на минус 15 степени Целзиусови.

-Доколку ниските температури продолжат, а според метеоролозите се најавува остра зима, повеќе со голомразица, сигурно дека ќе се одрази штетно на овошките. Затоа треба да се врши контрола на самите насади. Доколку се задржат овие температури повеќе од месец дена и истите се движат до минус 20 степен, сигурно ќе се одрази штетно врз овошните насади, вели Мемедов.

Додава дека во тој случај доаѓа до измрзнување на овошките.

-Тоа најмногу ќе се покаже со сокодвижењето на пролет кога ќе дојде до дехидрација на цели стебла. Затоа за да нема вакви состојби, претходно ова може да се ублажи со солидна исхрана на овошките што треба да е подготвена во текот на есента со употреба на арско ѓубриво и минимална резидба. Но, резидба никако не треба да се прави кога температурата е екстремно ниска, туку треба да се следи временската состојба и спрема тоа да се постапува соодветно, вели агрономот Мемедов.

Засега студот не се очекува да предизвика проблеми кај житните култури. Како што велат агрономите на есенските житни посеви евентуална снежна покривка им е повеќе од потребна. Снег според прогнозите може да се очекува кон крајот на неделата.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2019 04:53