Четириесетина сообраќајни прекршоци просечно на ден или нешто под 1500 во текот на декември минатата година открила полицијата на поширокото тетовско подрачје, информираше Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Според неговите податоци, од сообраќај биле исклучени 72 возила, најмногу поради нивната техничка неисправност. Истовремено од сообраќај биле исклучени и 225 возачи – од кои 97 не поседувале валидни возачки дозволи, 54 управувале под дејство на алкохол, 64 возачи-почетници не се придржувале на законските ограничувања предвидени за оваа категорија учесници во сообраќајот, a петмина немале соодветна категорија.
За останатите прекршоци од страна на полицијата биле изготвени 799 мандатни и 341 прекршочен платен налог, 339 возачи биле писмено предупредени за прекршоците што ги направиле, на 134 привремено им се одземени возачките, а на 34 – сообраќајните дозволи.
За непрописно или погрешно паркирање во декември биле подигнати 289 возила, најчесто во централното тетовско подрачје.