На таванот од семејната куќа во центарот на Гостивар се наоѓа царството во кое Дане Гавриловски е цар и слуга, мајстор и чирак. Во овој простор се создаваат уникатни ножеви кои стануваат дел од колекциите на љубителите на сечивата. Неговите ножеви се за практична употреба, камперски, ловечки, кујнски. За него ножот е алатка за сечење, а не оружје.
Прва љубов, ножевите од дрво
На овој триесет и четиригодишен економист, ножарството (knifemaking) му е хоби. Изработката на ножеви го привлекла како уште како осмооделенец, а во последниве години му посветува повеќе време. Иако не е професионалец, ниту пак го изучувал овој древен занает, неговите изработки привлекуваат внимание и во последно време се барани од познавачите на ножевите. Од неговата работилница досега излегле близу триста парчиња.
– Ножевите отсекогаш ми биле интересни како алатки. Кога бев дете, дедо ми, ми правеше ножеви од дрво, веројатно оттаму почна сé. На 15-16 години почнав да се интересирам како се прават ножевите, да собирам информации, алати и материјали и малку по малку да работам со вистински ножеви. Во прво време преправав веќе постоечки, па потоа почнав и сам да ги изработувам.
Последниве 3-4 години сум многу посветен на ова хоби, вели Дане.
Пасијата кон ножевите кои се меѓу првите алатки на човекот од праисторијата, се надополнила од неговата желба да престојува во природа.
Тој многу често е на прошетки низ шума, по риболов, кампување. Во летниот период, секој викенд оди во Маврово. Планинари кога може, но тоа заради семејството и хобито, по планинарските врвови се искачува 3-4 пати годишно.
Нож за подарок и во колекција
Ножевите кои Дане ги прави го привлекле вниманието на љубителите на сечивата како во Македонија, така и во странство. Негови изработки ги подаруваат меѓусебно и познати личности од јавниот живот. Заради дискрецијата која била побарана од него, не сака да ги открие нивните имиња.
– Има неколку колекционери во Македонија со повеќе примероци. Како колекција од мои изработки има во Куманово, Скопје, Гостивар, во Битола. Од скоро со повеќе од десетина парчиња има во колекции во Скопје, во колекцијата на еден американец во Тексас (САД), десетина парчиња има во една колекција во (Dorking) блиску Лондон. Човекот, со кого се спријателив од Доркинг доаѓа кај мене еднаш-двапати годишно, ми носи материјали и си зема ножеви. Мој нож има и поглаварот на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи. Тоа е првиот дамаскус нож што го правев. Меѓу познатите можам да го споменам и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта за кого имам изработено три ножа, појаснува Дане.
Како заљубеник во оваа алатка, тој задржува и по некој примерок за себе. Сега засега неговата лична колекција брои осум, но како што вели, оваа бројка не е фиксна, бидејќи ако некој нож му се допадне многу, тогаш останува дома.
– Во мојата лична колекција се ножевите што ги правев за мојата сопруга и за син ми Давид. Тој сега има три 3 години, а веќе има колекција од пет ножеви. Се надевам кога ќе дојде време ќе почне да ги користи. Инаку омилен ми е и не се делам од мојот Ензо-трапер. Го носам секогаш кога сум во природа веќе 10 години. Тоа е мојот прв нож со D2, челик, првиот нож со поскапи материјали.
За подарен нож се дава метална паричка
Навлегувајќи во технологијата на изработка на ножеви, Дане научил едно древно непишано ножарско правило кое го пренесува и почитува. Ако некој ви подари нож, мора му дадете метална паричка за возварт. Тоа е симболика за да не се пресече пријателството со човекот кој го подарува.
Знаењата и вештините за изработка на ножеви ја црпи од интернет. Нема точна бројка, но смета да дека досега изработил речиси триста. Со тек на време користи материјали што се поскапи, а со тоа тие се поатрактивни.
Сечилата на ножевите ги купува од реномирани производители. Се обидел да ги кова сам, но за таа работа, како што поајснува, потребен му е повеќе простор. За ковање на челик му е потребна печка и работилница. На овој начин успева да ги сработи нарачките.
– До пред некоја година правев и ножеви со мои сечива, но сега веќе немам услови за изработка на сечива. Немам печка за калење и простор, а ова ми е само хоби. Со готово сечиво крајната цена е пониска, бидејќи трошам помалку работни часови. Сега заради заинтересираноста на луѓето повеќе вложувам во материјали.
Склад од сечило и дршка
Дане открива дел од тајните за изработка на нож. Парчето челик, тоа треба да се омекне во оган и се бруси до саканата форма. Потоа, грубо се полира и се кали во печка. По стабилизирањето, фино се полира и се остри. По ова следува изработка на одбојник и рачка, па на крај и футрола. Иако делува едноставно, Дане напоменува дека, сепак секој нож треба добро да се осмисли, да се одберат материјалите, боите да се во склад. Ако се работи за рог од елен, тогаш рогот мора да ја следи формата на сечивото, што не е едноставно бидејќи рогови со убава форма тешко се наоѓаат. Спојувањето на сите материјали е вештина со која се добива конечната форма на целината наречена нож. За него поеднакво се важни и сечилото и рачката.
– Сечивото мора да е од добро кален челик. Stainless челик, е најчесто користен тип на челик поради неговата отпорност на корозија, Карбонскиот челик кај нас не е многу омилен, тој е неотпорен на корозија, потемнува (патинира), но лесно се остри и долго држи острина. Дамаскус, е исто популарен и атрактивен. Тоа се оние убави шарени сечива. Шарките се добиваат со тоа што, два типови на челик, се преклопуваат при ковањето повеќе пати и на крај се добива шарено сечиво. Рачката пак може да биде од различни материјали, дрво, рог од елен, рог од ирвас, рог од бафало, фосил од мамут или пак од синтетички материјали. Но во секој случај мора да биде удобна и да одговара визуелно на сечивото. Особено внимание посветува и на другите детаљи. Одбојникот е исто така многу битен, тој е душата на ножот, целиот изглед може да го расипе или да го разубави, а битна е и футролата. Убава кожна футрола ножот мора да има за да може безбедно да се носи во природа.
Дане појаснува дека дебелината на сечивото треба да биде оптимална, бидејќи ако е предебело нема да сече како што би требало, ако е претенко може да се скрши при појак страничен притисок. За материјалите и удобноста на рачката, вели дека рачката често пати може да биде поскапа од сечивото, посебно ако се работи за стабилизирани дрва или стабилизирани заби од мамут.
Сепак, како што заклучува, изгледот на ножот е прашање на вкус.
– Мене ми е драго што луѓето кои земаат мој нож скоро се враќаат по друг, поинаков, па повторно по друг. Тоа ме исполнува и ми е драго, кога другите ја ценат работата и знаат дека добиваат нешто што е уникатно. Често пати луѓе ми носат стари, оштетени семејни ножеви на репарација. Ножот ако се одржува како што треба нема работен век, секогаш останува во наследство, заклучува овој ножар.
Остар нож е сигурен нож
Тој се определил да изработува ножеви што можат да се купат без да се издвојат големи суми, повеќето главно имаат популарни цени. Најскапиот достигнал цена од 400 евра, пред сé заради материјалите. Главна вредност им е тоа што се уникати. Може да има слични, но никогаш два исти.
Неговата филозофија е дека ножевите не се оружје, за него тоа е алатка и тоа го напоменува во секој разговор. Затоа и појаснува:
– Остар нож е сигурен нож. Едноставно, со остар нож многу помалку напор се користи за да исечете нешто, со тоа раката има повеќе контрола и шансите да дојде до повреда се помали.
Изработувајќи ножеви тој создал и сопствени критериуми. За категоријата ножеви што ги прави се таканаречени фиксни ножеви. Главно изработува ловечки кои имаат заоблен врв и како такви се полесни за дерење, но изработува и универзални ловечки. Од неговата работилница излегуваат и кујнски ножеви, но најбрани му се chefs моделите. Барани му се камперските ножеви кои имаат подебело и подолго сечиво.
Смета дека јапонските сечила и нивната изработка се врвни, но кај нас тешко се набавуваат. Исклучително ги цени производите на Enzo, Bark River, Fallkniven, Benchmade, Mora, Helle, Spyderco.
Овој ножар препорачува секој нож да се остри, бидејќи не постои сечиво кое не се тапи.
Зоран Г. Маџоски