Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска е избран во официјална конкуренција на престижниот филмски фестивал во Берлин, со што по пауза од 25 години (по „Пред дождот“ во Венеција во 1994) македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.
Премиерата на филмот во Берлин ќе биде на 10 февруари, соопштија денеска на прес-конференција продуцентката и една од актерките во филмот Лабина Митевска и директорот на Агенцијата за филм на РМ Горјан Тозија, кој рече дека Берлиналето е мошне рестриктивен фестивал, избирлив и тежок да се влезе во официјалната селекција и дека успехот се должи на квалитетот на филмот.
На 4 декември, рече Митевска, пратиле во Берлин недовршена верзија на филмот кој, според процедурите, го видела комисија од 30-ина луѓе, и веќе на 10 декември ја добиле официјалната покана со ембарго за објавување на веста. Рече дека директорот на Берлиналето Дитер Козлик, кој за претстојното издание по 20 години последен пат ќе го предводи фестивалот, во писмото им честитал и им напишал дека комисијата била импресионирана од филмот. Митевска додаде и дека филмот е резултат на неуморна работа и дека со сестра ѝ Теона вложиле многу труд и љубов.
-На црвениот тепих бевме пред точно 25 години во Венеција. Мислам дека е премногу чакање четврт век за македонската кинематографија повторно да го доживее ова и треба да сме сите заедно горди. Се надевам дека ова ќе му ги отвори вратите на македонскиот филм, тој да биде присутен и за него да се зборува, особено во ова време кога мора да зборуваме за Македонија насекаде. А најдобро тоа го умееме и можеме преку културата, посебно преку филмот, рече Лабина Митевска на прес-конференцијата.
Го избрале и агентот за дистрибуција на филмот – францускиот „Пирамид“, кој ги откупил правата за светска дистрибуција и на 24 април 2019 ќе ја почне кинодистрибуцијата во Франција. Фиомот ќе биде трет (по „Пред дождот“ и „Јас сум од Титов Велес“) што ќе се прикажува во француските кина. Кога ќе биде македонска премиера ќе одлучат дополнително и ќе соопшат по прикажувањето на филмот во Берлин.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше сниман во февруари и март минатата година во Штип, а постпродукцијата е работена во Франција, Белгија и Словенија. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева. Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип, која на Водици решава да се фрли по крстот. Но кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена.
Директорот на Агенција за филм РМ Тозија очекува овој филм да постигне голем успех и да даде импулс, како што рече, во расчистувањето на ситуацијата во македонскиот филм затоа што во десетина години имало квантитет од филмови за кои се трошеле огромни пари без да се постигне препознатлив успех.
-Тоа ни беше камен кој навистина ни тежеше. Не може Агенцијата за филм да има 157 продуценти и милион режисери и да се протежираат неквалитетни проекти затоа што тој е на некого, наш или ваш. Тоа е претешко и не се издржува. Мислам дека тука сите заедно треба да ставиме стоп. Во изминатите девет години финансиравме 300 филма, но не беа применувани вистински стандарди и имаше многу винфилмски влијанија кои, за жал, не му донесоа ништо добро на македонскиот филм. Иако со малцинските филмови имавме по некој успех, сепак, по 25 години се случува македонски филм да влезе во официјална конкуренција на фестивал од А категорија. Ова е огромна радост за сите вистински професионалци и филмски работници, рече директорот на Агенцијата за филм, која овој филм го поддржа со околу 30 милиони денари (половина милион евра). Вкупниот буџет на филмот (копродукција на Македонија, Франција, Белгија, Словенија, Хрватска) е околу 1,4 милион евра. Имаше поддршка и од европскиот филмски фонд Еуримаж.
Она по што е интересен новиот филм на Митевски е дека целиот технички тим е женски – покрај режисерката Теона, косценарист е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Виргине Саинт Мартине, костимографка Моника Лорбер, за шминката е задолжена Мојца Горогранц-Петрушевска, монтажерка е Мари Хелен Дозо, а дизајнер на звук – Ингрид Симон. Братот на сестрите Митевски, Вук Митевски, е сценограф на филмот.
Покрај Зорица Нушева и Лабина Митевска, во актерската екипа се и: Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ и Владимир Тулиев.
Директорот на Агенцијата за филм Тозија соопшти и за успесите на други филмски проекти и актери: долгометражниот филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска влезе во селекција на фестивалот „Санденс“, кој е посветен на авторот и независниот филм; по 2011 година македонски актер (Благој Веселинов) е избран во програмата Шутинг старс (Shooting Stars) во Берлин, а младата актерка Сара Климовска, пак, е избрана за „Берлин таленти“.