Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров по победата над Бахреин попладнево со 28-23 изрази задоволство од победата но додаде дека тимот повторно имал осцилации во играта, што не се знае како ќе сеодрази во следните натпревари на повисоко ниво – против Хрватска, Исланд и Шпанија.

– Бахреин беше понезгоден противник од Јапонија. Сепак успеавме во последните 15 минути ние поискусните да одмориме за натпреварот со Хрватска. Задоволен сум, но како и секогаш осцилираме – имавме добри и лоши моменти и можеби требаше порано да го решиме натпреварот во наша корист. Започнавме добро како со Јапонија, но дозволивме пад во играта. Тоа се работите кои загрижуваат и незнаеме што можеме да очекуваме на натпреварите кои ќе бидат на повисоко ниво. Позитивното од овој натпревар е што не одигравме повеќе од 35-40 минути, изјави Лазаров веднаш по мечот во микс-зоната.

Во однос на мечот со Хрватска и дали ќе бидат доволни 24 часа за да излеземе подготвени за дуелот, Лазаров изјави дека во спортот се можни изненадувања, но фаворитската улога им ја препиша на „коцкастите“.

– Одговорите на овие прашања ги немавме и против Јапонија и Бахреин, но докажавме дека сме класа над нив и дека можеме со искуство и рутина да ги добиеме и да ги доведеме при крај натпреварите. Утре е голем испит за нас, но не треба да имаме притисок, ја препуштаме фаворитската улога на Хрватска. Ќе се бориме, во спортот се можни изненадувања, ќе се подготвиме добро, изјави капитенот на Македонија.

Мечот против селекцијата на Лино Червар го играме утре од 18 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/01/2019 16:09