Ексклузивната изложба „100 години Требениште“ по повод еден век од истражувањата на овој локалитет кај Охрид, Археолошкиот музеј на Македонија ќе ја отвори наскоро. Датумот на отворањето и времетраењето на изложбата ќе ги соопшти официјално оваа недела. На изложбата ќе бидат претставени златните маски од 6 век п.н.е. и други предмети најдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и Бугарија.
Според првичната најава, отворањето на изложбата беше планирано за ноември. Директорот на Археолошкиот музеј Горан Санев за МИА вели дека одложувањето е поради комплексноста на проектот.
– Ноември 2018 година беше даден како работен термин за отварањето, сепак, процесот на подготовката на оваа изложба, кој е исклучително комплексен, особено подготовката на каталогот и научните трудови и, секако, административно-правните процедури кои се неопходни при ваквите меѓународни соработки, наметнаа потреба од ревизија на овој термин. Следејќи ја високата професионалност поставена од самиот почеток на подготовките на изложбата и во интерес на квалитетот на презентацијата, сите партнери во реализацијата едногласно се согласија за поместување на терминот на отворањето, изјави Санев.
Изложбата „100 години Требениште“ е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народен музеј од Белград, Националниот археолошки институт и Музеј од Софија и Завод и Музеј Охрид. Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид. На изложбата ќе бидат претставени околу 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.
(Горан Санев, Борјана Бориќ-Брешковиќ, Људмил Вагалински – директори на АММ Скопје, Народен музеј Белград, НАИМ Софија, на потпишувањето на Договорот за соработка во Софија)
-Тоа се наодите откриени при археолошките истражувања на некрополите на Требениште, од почетокот – до 70-тите години на 20 век, реализирани од страна на бугарски, српски и македонски археолози. Подготовките за изложбата почнаа кон крајот на 2017 година и денес се во завршна фаза. Преку 408 страници од богатиот и сеопфатен каталог за изложбата заинтересираните ќе може да добијат детални податоци за секој од експонатите, но и да се запознаат со историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите, преку 24 текстови – најнови научни опсервации од повеќе реномирани македонски, српски и бугарски археолози. Промоцијата на каталогот ќе претходи на отварањето на изложбата, истакнува Санев.
(Дел од експонатите на изложбата)
Археолошкиот музеј на Македонија во 2019 година планира да реализира околу 40 проекти кои вклучуваат археолошки истражувања, кои во најголем дел се продолжување на истражувањата од претходната година, проекти за конзервација на движниот археолошки материјал, а презентацијата на културното наследство во Македонија и странство ќе се реализира преку редовни учества на кустосите на научни конференции и со изложбите.
-Покрај отворањето на изложбата „100 години Требениште“, за оваа година ќе ги издвоиме изложбата „Градиште Неготино, урбан центар во раната антика“, која се подготвува по повод 10-годишнината од почетокот на меѓународните систематски истражувања на локалитетот Градиште кај Неготино, како и учеството во изложбата на Музеј на Македонија: „Црвен петел, црна кокошка – култови на плодност, верувања, обреди и обичаи“, која од февруари ќе гостува во Етнографскиот музеј Загреб…Точниот број на проекти и почетокот на нивната реализација ќе се знае по објавувањето на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата на Министерството за култура, наведува Санев за МИА.
Споед него, бројот на посетители на Археолошкиот музеј континуирано се зголемува во однос на претходниот период, а минатата година имале околу 17.000, од кои дури две третини биле странци.
Минатата година, додава Санев, посветиле време и ресурси на маркетингот на музејот и зголемување на бројот на посетители и во таа насока Археолошкиот музеј остварил нови соработки и договори со повеќе тур-оператори од Македонија . Меѓу нив доминираат агенциите кои се занимаваат со дојдовен туризам. Работеле и на зголемување на присутноста на Археолошкиот музеј во медиумите, особено на социјалните мрежи.