Излезе од печат збирката поезија „Градот“ од делчевската поетеса Билјана Начовски. Како што информира авторката „Градот” е збирка песни која беше наградена од здружението „Златно перо“ од Битола во категоријата за необјавени збирки.

– Во меѓувреме „Градот” излезе од печат и збирката е достапна за читателите. Делото го напишав за наградниот конкурс кој го организираше здружението „Златно перо“ од Битола каде доби награда за необјавена збирка. Содржи 38 песни колку што всушност имам и години. Збирката е насловена „Градот“ заради мојот сон за градот на поезијата Струга и мојот сон од дете да учествувам на Струшките вечери на поезијата. Ја користам приликата да се заблагодарам на моето семејство и пријателите за поддршката која ми ја дадоа оваа збирка да излезе од печат. Се заблагодарувам и на професор Магдалена Поповска која ги изработи фотографиите за збирката, вели Начовски.

Таа истакна дека наградата ќе ја посвети на нејзините три деца.

Збирката „Градот“, е трето дело на Начовски која претходно ги издаде и збирките „Сила што ќе напише“ и „Акорди на моето срце“. Дел од книгите авторот планира да ги донира за потребите на основните училишта како и Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 16:38