Хуманитарна василичарска дружба насловена „Сите под еден чадор“, организирана од страна на Филозофскиот факултет во Скопје и Дирекцијата за заштита и спасување се одржа вечерва во ресторанот „Амбрела“.

Ратко Дуев, деканот на Филозофскиот факултет посочи дека дружбата го означува почетокот на серијата настани во 2019 година кои ќе имаат за цел да ја подигнат свеста за општествената одговорност на институциите и приватниот сектор во земјата за децата со посебни потреби.

– На влезот во ресторанот е поставена кутија за донации, покрај тие средства и 20 проценти од целокупниот промет за време на денешниот настанот ќе биде наменет за купување на дидактичките материјали. Од овој прв настан одредивме да ги донираме во Општина Гази Баба, истакна Дуев.

Наведе дека нивната цел, со организирање на настани, е да ги мотивираат и останатите институции за, како што рече, да не се заборави на оние на кои им е потребна помош.

– Покрај редовните активности се планираат и инвестиции и адаптирање на дел од просториите на Факултетот за лица со посебни потреби, нагласи Дуев.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски изјави дека нивната намера е кампањата да се спроведува преку целата година во сите градови во земјата.

– Сметам дека спроведуваме една кампања што ќе има големи хумани димензии во нашата држава и ги повикувам сите граѓани и институции да се приклучат кон оваа акција, заклучи Џаферовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2019 18:55