Репрезентацијата на Македонија го доживеа првиот пораз на Светското првенство во ракомет, кое се игра во Германија и Данска. Ова четврта победа на Хрватска во пресметките со нашата репрезентација.
Нашиот тим беше поразен од Хрватска со 31:22 (11:16) во меч од третото коло од групата „Б“, кој се одигра во Минхен.
Хрватите беа фаворити пред почетокот на дуелот и тоа го покажаа на теренот, а голманот на „коцкастите“, Марин Шего имаше свој ден и одбрани 12 удари на нашите репрезентативци, кои немаа свој ден во нападот. Во последните минути селекторот на Македонија, Раул Гонзалез ги повлече и главните играчи, а поразот на крај беше убедлив.
Најпрецизен кај „жолто-црвените“ беше Дејан Манасков со 6 гола, капитенот Кире Лазаров постигна 5, а кај победничкиот тим Домагој Дувњак реализира 6 погодоци.
Утре е слободен ден за македонските репрезентативци, а веќе во среда од 20,30 часот играме со фаворизираната Шпанија. Клучниот натпревар за избраниците на Раул Гонзалез ќе биде во четврток против Исланд, кога ќе бркаме пласман во главната фаза на СП.