Само еден месец по стартувањето на ЕУ Блокчеин хабот Македонија,македонскиот огранок учествуваше на Глобалниот самит на блокчеин технологија, насловен „Ослободете го потенцијалот: Блокчеин за Целите за одржлив развој“, што на 12 јануари се случуваше во Куала Лумпур, Малезија.

Азискиот градги собра претседавачите на сите блокчеин ограноци од Европа, Азија и Африка, и со тоа, трите континенти ја потпишаа Декларацијата за соработка во оваа сфера за создавање подобар свет.

На настанот беше формирана и најголемата глобална блокчеин мрежа во која учествуваат над 20 земји, а потенцијалот за развој на оваа технологија во Македонија и планираните идни чекори ги претстави основачот на македонскиот ЕУ блокчеин хаб, Небојша Илијевски.

- Улогата на ЕУ блокчеин хабот Македонија е мотивирање на заедницата на потенцијални засегнати страни – владата, академијата, бизнис-секторот и, секако, блокчеин стартапите, да создаваат решенија за добро владеење и во други сфери базирани на технологијата на дистрибуирани записи. Откако регулаторите ќе бидат изложени на потенцијалот и на конкретните административни и други предизвици, би било полесно да се најдат решенија, во согласност со препораките на земјите што успешно го применуваат блокчеинот. Воедно, платформата на ЕУ Блокчеин хабот отвора можности за блокчеин девелоперите и стартапите во земјава за рапиден развој и пристап до фондови, а со тоа и вклучување во светските трендови во оваа област. Блокчеинот е една многу хумана приказна за градење доверба меѓу луѓето – вели Илијевски.

На настанот беа присутни говорници од над 20 земји, а се разменуваа искуства и знаења од областа на блокчеин технологијата меѓу светски успешни блокчеин стартапи, владини организации, компании, експерти, од области како: IT технологија и програмирање, банкарство, финансии, трговија, образование, чиста енергија, развој на паметни (одржливи) градови и заедници, регулатори и од многу други сфери.

Целта на Самитот е да се воспостави глобална врска меѓу државите кои во блокчеин технологијата гледаат алатка на новото дигитално време, но, и на радикална промена на водењето економија и свеста на луѓето во неа, како и да се разгледа воведувањето на блокчеин технологијата во реализацијата на целите за одржлив развој на Обединтетите нации, чија интенција е да го трансформираат светот во сите аспекти на социјалните, економските, еколошките и човековите права – до 2030 година.

Позитивните искуства на земјите како Швајцарија, Малта, Словенија и азиските земји, Тајланд, Кина и Малезија сугерираат нова платформа врз која ќе се базира размена на вредноста помеѓу луѓето во иднина. Вредноста на блокчеин стартап компаниите само во Швајцарија е проценета на 40 милијарди долари, а над 700 стартапи вработуваат 3000 луѓе само во тнр. Крипто долина во Цуг.

Македонскиот огранок на ЕУ Блокчеин хабот беше основан во рамки на третото издание Форумот на добри компании, во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникции и развој, „Паблик“, 10 декември, 2018 година, кога беше потпишан Меморандумот за соработка. Веќе на 11 декември во Скопје беше одржана и првата средба иницирана од ЕУ блокчеин хабот Македонија – на тема: „Блокчеин технологија – можни начини за градење на екосистемот за развој и примена во Македонија“. Дебатираа претставници од министерствата и од академската сфера од Македонија и од Словенија, како продолжение на сесијата „Блокчеин – Алгоритам во функција на одржливите практики“, која се случуваше ден претходно во рамки на Форумот на добри компании.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2019 01:03