Голманот на ракометната репрезентација на Македонија, Борко Ристовски по убедливиот пораз вечерва од Хрватска (31-22) изјави дека тимот на Лино Червар е поквалитетен и дека ги казниле сите грешки на нашите ракометари, но треба да се обидеме да победиме во еден од следните два натпревари против Шпанија и Хрватска, со цел пласман во следната фаза.
– На Хрватска им се поклопија сите коцки на денешниот натпревар. Промашивме зицери кои што нормално не ги промашуваме. Хрватска е искусна репрезентација и тоа знаеше да го казни преку полу-контри и контри и лесни голови.
Нема многу што да се објаснува – Хрватска е поквалитетна репрезентација од нас и тоа треба да го прифатиме. Продолжуваме напред, главата горе и треба што подобро да се подготвиме за следните два натпревари и да се обидеме да добиеме барем еден за пласман во втората фаза, изјави голманот на Македонија попоразот од Хрватска.
Во однос на тактиката „7-6“ која двата селектори ја користеа во првото полувреме и која ја донесе убедливата предност на Хрватите, голманот на Бенфика не сакаше да го коментира изборот на Раул Гонзалез.
– Тоа е тактичка замисла на Раул, немам коментар. Тоа е негова одлука, тој мислеше дека така имаме шанси да го добиеме натпреварот. Тоа се тактички надмудрувања, со кои требаше да го искористиме нападот до максимум и да не дозволуваме брзи контри. Но кога нема да ги искористите своите шанси следува казна, а посебно кога се работи за Хрватска, која е една од петте кандидати за највисок пласман, смета Ристовски.
Тој додаде и дека на селекторот Гонзалез останува одлуката дали во среда ќе се бараат бодови против Шпанија или ќе се чуваат силите за последниот меч со Исланд.
– Сите натпревари се клучни за нас – од почетокот против Јапонија, Бахреин па сега Хрватска и преостанатите два. Мораме да ја бараме нашата шанса. Дали Раул ќе се одлучи да одмара или ќе се обидеме да бараме шанса, зависи од него. Ние сме тука да играме како што ќе каже тој и на него останува одлуката дали ќе ја нападнеме Шпанија или ќе се чуваме за Исланд, заврши Борко Ристовски.