Оперската претстава „Тоска“ на Џакомо Пучини ќе биде изведена в петок, 18 јануари, со почеток во 20 часот во Македонската опера и балет.
„Тоска“ е приказна за трагичната љубов на Флорија Тоска и сликарот Каварадоси, прекината од еден озлогласен шеф на полицијата (Скарпија) во Рим во периодот на движењето за обединување на Италија.
Главните улоги ќе ги толкуваат Весна Ѓиновска-Илкова, Калин Братеску (Романија), Борис Трајанов.
Во другите улоги настапуваат Ернес Ибраимовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Диме Петров, Димитар Кожухаров, Александра Лазаровска-Василевски.
Настапуваат Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет под диригентската палка на гостинот од Бугарија, Иван Кожухаров, кој во оперскиот свет е познат како исклучителен професионалец. Во Бугарија работи како главен диригент и уметнички раководител на операта во Бургас. Работи како диригент во Државната опера во Измир – Турција, гостин диригент во Филхармонијата во Санкт Петербург.
Режисер: Огњан Драганов (Бугарија), Сценограф: Зоран Николовски, Костимограф: Марија Пупучевска.