Во пресрет на 15. „Танц фест“, Националната американска асоцијација за танц (American Dance Abroad) своето внимание во јануари го посветува на Рисима Рисимкин и Културниот центар „Интерарт“, организатори на фестивалот и на работата на Скопје танцовиот театар и заслужни за развојот на современата танцова сцена во Македонија.

Покрај претстојната годишнина на „Танц фест“, повод е и минатогодишното гостување на Скопје танцовиот театар на 37. Battery Dance Festival – еден од најстарите фестивали за танц во Њујорк, каде што имаше два настапа – со кореографијата „Истиот извор“ на Матеа Киселичка на отворена сцена на фестивалот, и со „Котел“ на Рисима Рисимкин на неговото свечено затворање.

Според Рисимкин, танцовата уметност заслужува целосно внимание и очекува, како што вели, прекрасен 15-ти „Танц фест“, како и нови продукции на Скопје танцовиот театар, која е единствена компанија за современ танц кај нас и постои веќе осум години.

– Се надевам дека годинива ќе добиеме вистинска поддршка од Министерството за култура и ќе можеме достојно да го одбележиме јубилејот, со што нашата држава ќе покаже вистинска грижа за современата култура и, посебно, танцот. Ќе покаже грижа за фестивал кој ја промовира првата Награда за врвни достигнувања од областа на танцот „Менада“, која во Македонија ја добија основоположницита на балетот, но и светски имиња како Валдимир Васиљев и Ханс ван Манен, изјави Рисимкин.

На годинашната програма на „Танц фест“ публиката ќе може да го проследи и четвртото издание на натпреварот за млади кореографи „Танцлаб“, за кој повикот штотуку се затвори, а аплицираа голем број млади уметници од целиот свет. Првпат во рамките на фестивалот ќе биде доделена и Награда за млад уметник од областа на танцот на годишно ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2019 16:32