Легендата на Манчестер Јунајтед, Пол Скоулс нема намера да ги прекине нападите против поранешниот менаџер на тимот, Жозе Мурињо. Поранешниот англиски репрезентативец изјави дека Португалецот намерно го предизвикал своето отпуштање.

Во декември, Специјалниот се прости со својот пост кај „црвените ѓаволи“, а последната капка беше поразот од лидерот на Премиер лигата – Ливерпул (1:3). Предвремената разделба со Јунајтед значеше дека 55-годишниот стратег ќе добие компензација од 15 милиони фунти.

За период од 2,5 години, во кој Мурињо беше на чело на тимот од „Олд Трафорд“, Сколс беше негов најистакнат критичар поради неговите негативни тактики. Имаше неколку епизоди во кои двајцата разменија реплики во јавниот простор преку медиумите.

Сега, Сколс даде интервју за норвешката „ТВ2“, а повторно тема на разговор беа последните мрачни месеци на Мурињо во Јунајтед.

– Мислам дека Мурињо едноставно не сакаше да работи повеќе во овој клуб. Тој на совршен начин го изрежира своето отпуштање. Неговите прес-конференции беа срамни и толку негативни. Очигледно беше дека на крајот играчите веќе не сакаа да играат за него. Впрочем, клубот ја презеде вистинската одлука. Тој успеа да се скара со Антонио Валенсија, кој е најмилиот човек во светот. Според мене, невозможно е да се скараш со Антонио Валенсија. Така добив јасен сигнал дека нешто не е во ред, изјави Сколс за норвешката телевизија.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2019 17:18