Пред голем број љубители на пишаниот збор, синоќа во Гевгелија беше промовирана книгата „Искрена љубов и солзи“, второ и со автобиографски мотиви издание на гевгеличанката Мимица Јосифовска.
Претставувајќи ја книгата, рецензентот Тони Аврамов истакна дека не постои автор кој барем во некои сегменти од неговото творештво не се отсликува самиот, како што не постои поет кој својата интима барем во некој стих не ја разголува пред читателот.
– Мимица ја отвора душата за да го запознае читателот дека животот е ветерница која постојано ги менува своите движења, како што некој тоа го диригира од некое непознато место, рече Аврамов.
Авторката Јосифовска истакна дека се обидела болката од загубата на нејзиниот љубен да ја искаже преку зборови кои во себе, како што рече, содржат многу горка вистина.
Првата книга на Мимица Јосифовска, „Златно срце“, беше објавена во 2002 година.