Во Домот на култура „Илинден“ денеска беа изложени 30 дела изработени во техника акрил на платно и масло на платно направени за време на 16-та меѓународна ликовна колонија „Карпино 2018“ – Куманово, што се реализираше во периодот август-септември, минатата година. Изложбата е во организација на Општина Илинден и Националната установа – Центар за култура „Трајко Прокопиев” од Куманово.

Според организаторите, уметничките дела од Карпино кое е, како што велат, едно од најзначајните духовни светилишта во нашата земја, се изработени со посебни чувствата на уметниците.

Со свои дела на изложбата се претставени 14 автори од повеќе земји и тоа: Валентина Илијевска, Кристијан Поповски, Новица Трајковски, Марија Мицова Гацова, Мила Трендафиловска и Мирослав Величковски од Македонија, Невена Стефановиќ и Ратко Јанковиќ од Србија, Бранимир Лукиќ – Лука, Есма Шабиќ и Мирсад Џомбиќ од Босна и Херцеговина, Бисер Кирилов и Бисер Лапев од Бугарија и Снежана Мелник од Украина.

Изложбата, за сите љубители на уметноста, ќе биде отворена до 1 февруари годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2019 18:41