Крилото на репрезентацијата на Македонија, Дејан Манасков по денешниот пораз од Исланд со 24-22 изјави дека ова е реалноста во моментов за оваа репрезентација, но треба да се оди на победи во следните два натпревари.

– Одигравме добро прво полувреме, имавме предност од два гола. Во второто полувреме започнавме со „7 на 6“ но едноставно не ни одеше, ја затворија средината и пивотите. Мислам дека правевме непотребни фаули и имавме некои шутеви од неизградени позиции и Исланд не казни. Мислам дека донекаде ова е реалноста во моментов за оваа репрезентација. Одиме со главата горе во Келн да одиграме уште два натпревари, изјави крилото по мечот во микс-зоната.

Тој додаде дека младите играчи во репрезентацијата треба да созреат за во иднина да не се повторуваат грешки како на овој Мундијал.

Во однос на тоа дали доаѓаат потешки времиња за ракометната репрезентација, Манасков не исклучи таква можност.

– Има неколку играчи кои се при крај со своите кариери, но ќе работиме на тоа да не не снајде нешто слично и да го задржиме континуитетот, вели Манасков

Македонија во сабота во 13 часот ќе игра со селекцијата на Русија, која го освои четвртото место во групата „А“. Нашиот тим ќе игра во Келн за пласман од 13. до 16. место.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/01/2019 22:51