Гудачкиот квартет „Вива стрингс“ синоќа во киносалата во Делчево одржа едночасовен концерт и изведе хитови на АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Ерик Клептон, Колдплеј…

Дејан Теодосиевски, член на квартетот, истакна дека е презадоволен од организацијата на настанот, од атмосферата и публиката која, како што рече, придонела да се одржи одличен концерт во Делчево.

-Концертот во Делчево беше еден од нашите најдобри настапи. Инспирирани од публиката и од преполната сала, навистина на ова ладно време и со ракомет во исто време, очекувавме дека ќе има помалку луѓе, но салата беше до последно место преполна и се направи многу убава атмосфера. Мислам дека енергијата што ја дадовме, публиката ја почувствува и уживаше во нашата интерпретација, рече Теодосиевски.

Додаде дека со настапот сакале да покажат дека класичните музички инструменти не свират само класична, туку и популарна музика. Затоа, рече, и програмата се состоела од познати светски хитови од 1950-тите и 1960-тите, сè до актуелни хитови.

Квартетот „Вива стрингс“ постои од 2011 година. Нивниот концерт синоќа го организираше Општина Делчево, во соработка со Центарот за култура „Никола Јонков-Вапцаров“.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2019 00:54