Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев денеска имаше средба со градоначалникот на хрватската општина Нова Градишка, Винко Гргиќ, на која разговарале за актуелните случувања во општините, како и за продлабочување на соработката.

-Се зборуваше за клучните проекти во Карпош, како што е изведбата на новиот парк кој во најголем дел ќе се гради со неповратни средства од Европската Унија. Европските фондови помогнале многу и на Нова Градишка, во нејзиниот развој и подобрување на квалитетот на живот. Градоначалникот Гргиќ напомена дека Хрватска го решила прашањето со отпадот на многу ефикасен начин. „Сите граѓани кои го селектираат отпадот добиваат повратни средства од државата и ова на буквален начин ја „исчисти“ нашата држава, рече Гргиќ, соопшти Општина Карпош.

Една од главните причини за посетата на делегацијата од Нова Градишка предводена од градоначалникот Гргиќ е и Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески, кој се одржува овој викенд во Карпош, а главен покровител е локалната самоуправа.

-Нова Градишка е општината каде што Тоше трагично го загуби својот живот, а токму Карпош е последното негово место на живеење. Денеска сме сведоци дека Тоше се уште поврзува различни култури и држави, додава Општина Карпош.

На денешната средба и претходеше склучување трилатерален меморандум за соработка меѓу Карпош, Крушево и Нова Градишка, со кој општините се обврзаа на поголема соработка во областа на образованието, културата, туризмот и спортот.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/01/2019 23:27