Македонската ракометна репрезентација оствари победа против Чиле со 32-30 (16-16) во последниот меч од Светското првенство во Германија и Данска, со што го заврши Мундијалот на 15-тото место.

Македонија одигра ефикасно прво полувреме, но имаше доста пропусти во одбраната, а Манасков со два гола во финишот успеа да донесе нерешен резултат на паузата.

Во второто полувреме двете репрезентации се менуваа во водството, а клучна беше серијата на Лазаров од три гола, со која поведовме со 27-26, а по двете одбрани на Митревски, Манасков ни донесе два гола предност. До крајот се играше гол за гол за конечна победа на „жолто-црвените“.

Најефикасен во нашиот тим беше Лазаров со 9 гола, Манасков постигна 8, додека кај Чилеанците, Фојхман реализираше 9, додека Родриго Салинас реализираше седум погодоци.

Македонскиот тим го израмни пласманот од пред две години во Франција, кога исто така го заврши шампионатот на 15 место.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2019 15:48