Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, по победата над Чиле (32-20) изјави дека многу е подобро да завршиш со победа отколку со пораз.

– Овие натпревари се најтешки за играње, не решаваат ништо, но многу е подобро да завршиш со победа отколку со пораз и тоа против ривал како Чиле. Оваа победа ќе ни значи, без разлика на се. Добија шанси многу млади играчи, почуствуваа како е да се игра, како е кога мора да се победи, треба да им се честита, изјави Лазаров по мечот.

Капитенот додаде дека во следните неколку дена ќе се анализира настапот на репрезентацијата, но сепак треба да се поправат грешките од овој Мундијал. Тој сепак изјави дека не е разочаран од играта и дека македонскиот тим има потенцијал.

– Во текот на шампионатот со европските екипи во поголемиот дел од натпреварите бевме изедначени со шанси за победа, но денеска одигравме седми меч во 10-11 дена и треба да им се честита на сите, посебно на поискусните кои поминаа многу минути на теренот. Неможам да кажам дека сум задоволен, но не сум ни разочаран. Имаме ракометна традиција, ако се зафатиме со работа, имаме голем потенцијал во оваа репрезентација. За одреден период може да се направи селекција која ќе биде рамо до рамо со најдобрите во Европа, заврши Лазаров.

Македонија по победата над Чиле го заврши шампионатот во Германија и Данска на 15 место.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/01/2019 15:54