Делегација на Здружението и Организацискиот одбор на Меѓународниот фестивал „Пролетни веселби“, што во валандовското село Чалакли во мај се одржува по повод празникот Х’дерлез, минатата недела била во работна посета на Анкара.

Како што соопшти Здружението, нивниот претседател и потпретседател, Шенол Тахир и Сељами Тахир, од 13 до 19 јануари во турскиот главен град имале повеќе работни средби со претставници од државни институции и здруженија.

Тема на средбите биле подготовките на 28-от фестивал, кој ќе се одржува од 3 до 6 мај во Гостивар, Валандово, Струмица и во селата Чалакли и Башибос, на кој се планираат повеќе настани и гостување на културно-уметнички друштва од Балканот.

Празникот Х’дерлез (или Ѓурѓовден) се одбележува на 6 мај и го слави будењето на пролетта и обновата на вегетацијата. Пролетните средби Х’дерлез се на листата на УНЕСКО како нематеријално културно наследство на турската заедница во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2019 14:01