Шпанската ракометна репрезентација оствари победа над Бразил со 36-24 (19-13) во натпревар од втората фаза од Светското првенство во Германија и Данска.

Шпанија одигра одличен дуел во Келн и од почетокот до крајот ја имаше контролата на натпреварот. Бразил не ја покажа играта од мечот со Хрватска и докажа дека нема сили за евентуален пласман во полуфиналето.

Најдобри во шпанската репрезентација беа Арино и Соле со по 6 постигнати голови, а кај Бразил најефикасен беше Лангаро со четири гола.

Норвешка пак успеа да извојува победа во скандинавското дерби, откако триумфираше над Шведска со 30-27 (17-14), за која ова беше првиот пораз на Мундијалот.

Швеѓаните се држеа добро во првото полувреме и се до финишот му парираа добро на противникот, кога нивните соседи успеаја да постигнат три гола по ред и да заминат со +3 разлика на паузата.

Во второто полувреме Норвежаните ја направија клучната разлика, кога поведоа со 22-15, што беше и најголема предност на натпреварот. Шведска се врати во игра и по неколку грешки на противникот, намали на -2 негатива (28-26), но тоа е се што успеаја да направат и на крајот доживеаја пораз со 30-27.

Најдобар кај Норвешка беше Јондал со 11 постигнати погодоци, додека кај Шведска, Нилсон и Ване постигнаа по 5 гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 01:47