Претставата „Крал Иби“ на Алфред Жари во режија на Васил Христов утревечер, премиерно ќе биде изведена на сцената на Драмски тетар во Скопје.
На прес-конференцијата по повод премиерата режисерот Христов, кому ова му е прва соработка со Драмски, и прва по подолго време со институционален театар, вели дека станува збор за претстава која жанровски и стилски обединува разни форми кои делуваат како една оправдана целина, што е извонредно тешко за артистите.
-Мојата тенденција беше да се обидеме да направиме еден исчекор во однос на театарскиот јазик што е вообичаен за овие простори. Сите експерименти се веќе направени во 60-те и 70-те, но она што порано било авангарда или ескперимет сега станува меинстрим на европскиот театар. За жал кај нас има реска граница меѓу модерниот и традиционалниот театар и ова е обид еден поинаков модерен јазик да се случи на сцената на институционалниот театар, вели Христов кој е автор и на адаптацијата на текстот и коавтор на сенографијата.
Провокација да го постави текстот, вели тој, е што Иби е метафора на модерниот човек прикажан како алчен, вулгарен, нечесен, глупав, незрел, зол и кукавица, при тоа акцентот се става на алчноста и желбата за моќ како „болести“ на модерниот свет.
За 14-члената артистичка екипа која игра во претставата едногласна е оценката дека е создаден чудесен, „вонземен“ свет, кој драматуршки инкорпорира текстови од друга дела на Шекспир, низ сложен процес на решавање на сцените.
-Секоја секунда мора да се игра во оваа претстава, ако не се игра, нема оправдување. И таа комплетна енергија всушност ја сочинува оваа претстава која не сме енергетски да падне во ниту една изведба, ниту кога има многу публика, ниту кога има малку публика. Се надеваме на големи успеси затоа што оваа претстава има многу работи да каже, вели Билјана Драгиќевиќ, која ја игра Мама Иби.
Според Зоран Љутков, претставата многу лесно ќе допре до публиката, која ќе препознае како незнаењето доаѓа на врвот на политичката моќ, нешто што не тангира изминатите дваесетина години.
-Од таму бегање нема и за жал се уште нема промена во тоа. Но, сепак, како е направена претствата дава некоја надеж и ќе освести голем дел од луѓето дека веројатно нешто некогаш ќе се смени, вели Љутков.
Според Софија Куновска, која ја игра Кралицата, претставата ќе биде освежување на репертоарот на Драмски и ќе го претставува театарот на сцените надвор од матична сцена.
Во актерската екипа се и Игор Ангелов, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска Лаковска, Маја Вељковиќ Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев. Сценографијата е на Христов и Тодор Даевски, костимите се на Розе Трајчевска Ристовска, а плакатот на Денко Матевски.
Ова е втора поставка на „Крал Иби“ од Жари на сцената на Драмски.
Прва претстава на текстот е изведена пред 122 години, а Жари се смета за предвесник на надреализмот во театарот и основоположник на театарот на апсурдот.