Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во креирањето на визуелните ефекти на „Одмаздници:Војна на бесконечноста“ кој доби номинација за Оскар.

Покрај овој филм, номинирани за најдобри визуелни ефекти во изминатата година се и филмовите: „Кристофер Робин“, „Првиот човек“, „Спремен играч број еден“, „Соло: Приказна за Војна на ѕвездите“. Официјалната церемонија на 91-то доделување на наградите Оскар ќе биде на 24 февруари, а номинациите беа објавени денеска во театарот „Семјуел Голдвин“ во Лос Анџелес.

-Ја почнавме 2018 година со реализирана цел која беше една декада зацртана во портфолиото на компанијата: „Star Wars: The Last Jedi”, со што конечно се исполни стремежот да се работи на една од најпознатите франшизи во филмската индустрија, особено кога се визуелните ефекти во прашање. Во текот на 2018 година беа реализирани 20 проекти, од кои 16 во филмска и четири во телевизиска продукција. Во првата спаѓаат: „Црниот пантер“, „Томб Рајдер“, „Одмаздници: Војна на бесконечноста“, „Дедпул 2“, „Јурасик Светот: Паднатото кралство“, „Еквилајзер 2“, „Шпионот кој ме откачи“, „Мег“, „Невозможна мисија: Пребројување“, „Предатор“, „Венум“, „22-рата милја“, „Крид 2“, „Аквамен“ и „Мери Попинс се враќа“. Проекти во телевизиската продукција беа филмовите: „Кутија за птици“ и „Кралот Одметник“, „Ураган“ и сериите „Стар трек дискавери“ и „Игра на тронови“ , соопшти ФХ3Х.

ФХ3Х досега има реализирано 135 проекти од кои 120 филмски и 15 телевизиски, а од филмовите на кои има работено 18 биле номинирани за Оскар. Од нив, Оскар добиле „Златниот компас“ (2008), „Животот на Пи“ (2013) и „Ранго“ кој доби Оскар за анимација во 2012 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2019 17:13