Во Младинскиот културен центар – Галерија вечер од 20 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Наштимана тишина“ – дебитантска книга на 14-годишната Стефанија Александар Ристовска.
Поетската збирка е составена од шест циклуси, а Ристовска, која е ученичка во ОУ „Димо Хаџи Димов“ песните ги пишувала на 12-13 години.
Рецензентот на изданието, Марјан Костовски, наведува дека таа под негово менторство твори во областа на литературата три години и дека мошне умешно го употребува современиот македонски јазик наоѓајќи ги во него, како што вели, сите финеси на поетската имагинација.
-Вешто ја употребува синтаксичката целина во добро спакуваните мисли и чувства, а лексемите што ги подвлекува со особена интонација го потенцираат секој важен детаљ со кој треба да се опише стварноста, пишува Костовски во поговорот на стихозбирката.