„Маџун“ – најновиот роман од македонскиот истакнат писател Влада Урошевиќ во издание на издавачката куќа „Магор“, ќе биде промовиран вечер во Кино Култура.
Професор Лидија Капушевска-Дракулевска за најновото дело на Урошевиќ ќе истакне дека е структурирано од три дела и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството, а самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството. Според неа, романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман-загатка…
-Композициски, „Маџун“ промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата… Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната. На микрокосмосот на детството како тематска доминанта, нормално, и` одговара детската визура на светот која внесува очудување на рационално уредената реалност, вели Капушевска-Дракулевска .
Таа подвлекува дека треба да се нагласат уште неколку карактеристики на оваа проза како што се: мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија.
– Сите тие го збогатуваат совршениот раскажувачки стил и придонесуваат за високиот степен на култура на јазикот и изразот, повеќекратно потврдени преку писателската практика на Урошевиќ, додава Капушевска-Дракулевска.
Влада Урошевиќ (1934, Скопје) македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, како и на повеќе академии во странство. Има докторат по филолошки науки; како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држел курсеви по историја на европските литератури од XIX и XX век.
Автор е на десет збирки поезија, шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи и неколку антологии. Во повеќе книги се собрани критиките и есеите во кои, главно, зборува за македонските писатели. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството, а има преведено и значајни дела од француската поезија.
Влада Урошевиќ е единствен македонски поет кој ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.