Изложбата „Повеќе од должност“ свечено ќе биде отворена денеска во Културно информативниот центар по повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.

Изложбата е во организација на амбасадорот на Израел Дан Оријан и Здружението за развој на општеството и животната средина „АКТА НОН ВЕРБА.

На отворањето ќе се обратат израелскиот амбасадор, Оријан, амбасадорите на Германија, Јапонија, Шпанија и Кина, Томас Герберих, Кеико Ханеда, Емилио Лоренцо Сера, и Јин Лексиан, министерот за култура Асаф Адеми и членот на собраниската Комисија за надворешна политика, Артан Груби. .

Изложбата „Повеќе од должност“ е посветена на Праведници меѓу народните – дипломати признати од Јад Вашем (Меморијаниот центар на холокаустот во Ерусалим). Праведници меѓу народите е израз кој се употребува од страна на Израел со цел да се опишат не-Евреите кои го ризикувале својот живот за време на Втората светска војна, за да ги спасат Евреите од истребување од страна на нацистите.

27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот е меѓународен ден во чест на трагедијата што се случи во текот на Втората светска војна. На овој ден се одбележува геноцидот што резултираше со смрт на околу шест милиони Евреи, пет милиони Словени, три милиони етнички Полјаци, 200.000 Роми, 250.000 лица со ментални и физички пречки во развојот и 9.000 хомосексуалци од страна на нацистичкиот режим и неговите соработници.

Овој ден беше назначен со резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации на 1 ноември 2005 година за време на 42-тата пленарна сесија. Резолуцијата дојде по одржувањето на специјална седница истата година на 24 јануари за време на која Генералното собрание на Обединетите нации ја одбележа 60-годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори и крајот на Холокаустот.

Со Резолуцијата 60/7 со која се воспоставува 27 јануари, како Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот се повикува секоја земја-членка на ОН да го одбележи споменот за жртвите од холокаустот и да го поттикнува развојот на едукативни програми за историјата на холокаустот за да помогне во спречувањето на геноцид во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2019 12:51