Концерти со Камерниот оркестар на Битола, гостување на балетот на МОБ, изложби и ревија на македонскиот игран филм ќе доминираат во првото програмско тримесечие на НУ Центар за култура-Битола.
Серијалот настани од културата почнува викендов со два концерти под наслов „Засекогаш во срцата“ кои ќе ги изведе битолскиот Камерен оркестар, истакна Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола.
-Концертот на Битолскиот камерен оркестар е посветен на роденденот на големата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески чии почетоци се токму во нашиот град. Влезниците за двата концерти беа потрошени за неколку часа, а тоа дополнително не мотивира камерниот оркестар да добие подобар статус за што ние како национална установа ќе вложиме дополнителен импулс и напор. Веднаш по концертот, од 28 јануари до 3 февруари ќе се емитуваат 11 македонски играни филмови, ревија која воедно значи и наша поддршка на македонската кинематографија. Но, на филмското платно во Битола ќе биде емитуван и тинејџерскиот филм „Ема“, снимен од средношколци, а режисер е младиот Мартин Чичовски, а ќе има и друга филмска понуда, истакна Андоновска Илијевски.
На прес-конференцијата во НУ Центар за култура-Битола директорката Андоновска Илијевски најави гостување на Македонската опера и балет и ликовни изложби во нивна организација.
-МОБ во Битола ќе гостува со балетската претстава „Либертанго“, една од најубавите танго композиции во 20. век која ќе се одржи на 14 февруари, а во битолскиот Центар за култура, на почетокот од месец март изложба под наслов „Метаморф“ ќе приредат младите битолчани Марта Дојчиновска и Драган Милованов, потврди Андоновска Илијевски и додаде дека во овој период освен програмски новини, планирани се и инвестициски новини во работата на НУ Центар за култура-Битола каде по скоро четири децении работа, целосно ќе биде заменето сценското осветлување во големата сала на таа установа.