Кинотеката на Македонија за програмата во фервуари најави филмски наслови од различни кинематографии и од различни жанрови, како и омажи на домашни автори и актери кои ја задолжија македонската кинематографија.

-Тоа се драматургот и филмски сценарист Горан Стефановски, режисерот Љубиша Георгиевски, и актерите Мите Грозданов и Љупка Џундева. Не ја забораваме ниту филмска музика како битен сегмент од филмската продукција, па ќе се дружиме и со д-р Александар Трајковски на промоцијата на неговата книга „Музиката во македонскиот филм: од ’Фросина’ до ’Лазар’“, соопшти Кинотеката.

Февруари ќе биде и месец на иранскиот и рускиот филм. Иранската кинематографија ќе биде претставена со шест наслови. -На делата на старите мајстори Абас Кијаростами и Маџид Маџиди се надоврзуваат нивните наследници според сензибилитетот за социјална драма, информира Кинотеката.

Речиси цел иден месец во програмата „Руска зима: месец на класичен и современ руски филм“ Кинотеката ќе прикажува филмови од класичната руска кинематографија на автори како Сергеј Ајзенштајн, Андреј Тарковски, младиот Никита Михалков, Елем Климов, Лариса Шепитко, Емил Лотеану…

-Дваесет и петте наслови од ризницата на „Мосфилм“, една од најстарите и најголеми филмски компании во Русија и Европа, се единствена можност и најпребирливите филмски естети да ја задоволат „гладта“ за убавина, наведува Кинотеката во најавата за филмската програма за февруари.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2019 15:29