Искуства од неколкугодишната соработка во областа на културата и уметноста меѓу Македонија и Словачка, што е регулирана со Договорот за соработка потпишан меѓу министерствата за култура на двете земји, беа споделени на денешната средба на министерот за култура Асаф Адеми и словачкиот амбасадорот во Македонија Хенрих Маркуш, информираат од Министерството.
Министерот Адеми и Н.Е. Маркуш ги потврдија заложбите за афирмација и зближување на двете култури за кои досега се залагаа двете земји, што се забележуваат во преводната литература, во гостувањето на словачки поети на Струшките вечери на поезијата, во учеството на македонски изведувачи на манифестации во Република Словачка.
Говореа и за заедничките проекти во кои се вклучени двете земји и тоа во меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, во одбележувањето на 24 Мај – Денот на словенските просветители Кирил и Методиј што секоја година се реализира во седиштето на УНЕСКО во Париз со пригодни настани, како изложбите „Светското културно наследство на словенските земји“, „Мојот портрет за музејот“, „Главните градови на славјанските земји преку архивски материјал“ и „Словенските карневали“, како и во рамките на заедничкиот проект „На маса со Словените“.
Од Министерството велат дека во иднина се очекува соработка меѓу двете држави и во рамките на долгорочниот проект „100 словенски романи“.