По повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, вечерва беше отворена изложбата „Повеќе од должност“ во Културно-информативниот центар (КИЦ).

Изложбата е во организација на амбасадорот на Израел, Дан Оријан и Здружението за развој на општеството и животната средина „Акта нон верба“.

Претседателот на здружението „Акта нон верба“, Скендер Асани рече дека изложбата е токму посветена на оние кои во тешките времиња собрале храброст да се одважат на предизвикот и да спасат еврејски живот.

– Додека земјите од слободниот свет се колебале дали да им помогнат на еврејските бегалци, повеќето дипломати продолжуваа со примена на стандардните процедури. Малкумина сметаа дека невообичаените времиња бараат и невообичаени активности и беа подготвени да дејствуваат спротивно на политиките на нивните влади. Ова мало малцинство ја собра неопходната храброст да ја препознае значајноста и последиците од послушноста на напатствијата на нивните надредени, вели Асани.

Тој ги спомна луѓето кои имаат спасено повеќе од 2.000 Евреи, односно Чиуне Сугихара, јапонскиот дипломат и Хо Фенг Шан, кинески дипломат.

– Приказната за спасувањето на семејството Франчез е резултат на соработката меѓу семејствата Хаџи Миткови и Рибареви од Македонија, кои преку семејството Меличи преминуваат во Албанија и се засолнуваат кај семејството Касапи и така се спасуваат. Тоа се исклучителни животни приказни, што дефинитивно заслужуваат да бидат споменати на овој важен ден, истакна Асани.

Овој ден беше назначен со резолуцијата 60/7 на Генералното собрание на Обединетите нации на 1 ноември 2005 година за време на 42-тата пленарна сесија. Резолуцијата дојде по одржувањето на специјална седница истата година на 24 јануари за време на која Генералното собрание на Обединетите нации ја одбележа 60-годишнината од ослободувањето на нацистичките концентрациони логори и крајот на Холокаустот.

Со Резолуцијата 60/7 со која се воспоставува 27 јануари, како Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот се повикува секоја земја-членка на ОН да го одбележи споменот за жртвите од холокаустот и да го поттикнува развојот на едукативни програми за историјата на холокаустот за да помогне во спречувањето на геноцид во иднина.

Со Резолуцијата 60/7 со која се воспоставува 27 јануари, како Меѓународен ден за сеќавање на холокаустот се повикува секоја земја-членка на ОН да го одбележи споменот за жртвите од холокаустот и да го поттикнува развојот на едукативни програми за историјата на холокаустот за да помогне во спречувањето на геноцид во иднина.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2019 19:18