Проектот на Музејот на современата уметност „Субверзија во црвено“ од авторката Нада Прља ќе биде македонскиот национален претставник на 58. Интернационална ликовна изложба во Венеција.
Како што соопшти Министерството за култура, оваа одлука ја донесе Комисијата во состав: проф. Мирко Вујисиќ, проф.Тони Васиќ и Имер Бајрами.
Во пропишаниот рок на Конкурсот до Министерството пристигнале уште три пријави: на НУ Национална галерија на Македонија за проектот „Мирисот на лебот“ од авторот Нехат Беќири, на Музејот на град Скопје за проектот „А-Reaction“ од авторката Марија Павловска и самостојниот проект „Че биде“ од авторот Игор Јосифов. При увидот во пријавите, Комисијата утврдила дека проектот на НУ Национална галерија на Македонија не ги исполнува условите пропишани во Конкурсот и затоа проектот на Нехат Беќири не бил земен предвид во натамошниот процес на разгледување и одлучување.
За останатите три проекти Комисијата констатирала дека се одликуваат со високи уметнички карактеристики, дека се професионално конципирани и ги одразуваат квалитативните параметри нотирани во Конкурсот. Сепак, со особено внимание Комисијата го издвоила проектот на Прља кој, според тематската одреденица и методологијата во уметничкиот пристап низ неконвенционалните методи, е актуелен и интернационално референтен проект во културениот контекст и во однос на темата на Биеналето.
Според Министерството, Комисијата ги земала предвид и квалитетите и искуството на авторката со учество и изведба на дела со сличен контекст, кои се многубројни и имаат освоено награди и признанија на меѓународната сцена. Истовремено, Комисијата изразила уверување дека и соработниците што се вклучени во реализацијата на проектот, во однос на уметничката критика и стручност, имаат големо интернационално искуство, особено во претходните учества на оваа манифестација.
Венециското биенале оваа година ќе се одржи од 9 мај до 24 ноември. Куратор е Ралф Ругоф, кој ја утврди и генералната тема на манифестацијата: „Може да живееш во интересни времиња“. За претставувањето на проектот на Музејот на современата уметност, Министерството за култура издвои 4.000.000 денари.