Работниците технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ денеска сакаа да го блокираат магистралниот пат „Прилеп-Градско“ на излезот од градот кај Заполшки мост, но останаа покрај патот зашто полицијата не им дозволи поради законски пречки. Со транспаренти в раце, работниците ги испорачаа своите барања.

– Полицијата не ни дозволи да блокираме зашто не било законски да се блокираат регионални патишта и автопати. Но одовде, крај магистралниот пат сепак бараме средба со владините претставници за да се решат нашите проблеми за да си олесниме сите. Не отстапуваме од нашите барања, изјави Пецо Велјаноски, член на иницијативниот одбор на 154-ицата работници прогласени технолошки вишок кои си ги бараат отпремнините и неплатените придонеси за шест и пол години.

За Жарко Талески, прогласен технолошки вишок, ова е недостоинствено, посебно игнорирањето од владата за решавањето на проблемите.

– Се чувствувам мизерно. Има повеќе полиција од „протестанти“, така да се наречеме. Но никој не сака да ги решава нашите проблеми. Да беше кредит сумата што ни ја должат, досега ќе ја исплатевме. Ова е неправедно, а си ги бараме само нашите права, вели Талески.

Според Цветан Бунтески до нив стигнале гласишта дека раководството на „Еурокомпозит“ било повикано во владата да ги образложи побарувањата на работниците.

– Дури не видиме дека проблемите се решаваат, не веруваме во ништо. Апелот останува до претставникот на општествениот капитал, до премиерот, вице-премиерот и до сите надлежни да најдат барем пет минути за нас, да не остане чувството дека сме отпишани од државата, изјави Бунтески.

Работниците уверуваат дека не се откажуваат од барањата и од каков било вид протест за да го привлечат вниманието за решавање на нивните проблеми.

Вкупно 154-ица работници прогласени технолошки вишок имаат за земање во просек по околу 100.000 денари отпремнини, а досега добиле само по 25.000 денари и околу еден милион евра заостанати придонеси за шест и пол години.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2019 16:45