Што се наоѓа во Галеријата на икони во Охрид се подразбира од самото име што го носи институцијата, но колку ние сме запознаени што навистина се наоѓа внатре, колкаво богатство е презентирано во неа понекогаш е тешко да се замисли. Барем до оној миг додека не го сретнете Милчо Георгиевски, историчар на уметноста и советник кустос во Галеријата на икони, човекот кој живее за охридските икони.
Георгиевски речиси сиот свој професионален животен ангажман го има минато со иконите, грижејќи се за нив како за свои родени деца. Тоа без исклучок го знаат сите што го познаваат, секој кој имал каква било врска или контакт со византиската уметност на овие простори.
Галеријата на икони во Охрид не само што е еден од најзначајните објекти од областа на културата во Македонија, туку е и еден од најпознатите и највредните објекти од тој вид во светот, оттаму што во својата колекција содржи и чува некои од највредните икони од византискиот и поствизантискиот период. Дела од непроценлива вредност, репрезенти на нашата култура ширум светот.
За тоа колкава е нејзината уметничка и историска вредност, колекцијата икони во Охрид според својот квалитет, значење во хронологијата на развојот на византиската уметност и иконописот како нејзин врв, најдобро говори посетеноста на големите меѓународни изложби во најпознатите светски музеи на кои, речиси без иклучок, се презентирани и некои од иконите на оваа поставка.
За тоа какава убавина поседуваат иконите од Охрид Георгиевски ќе рече дека не е тоа некаков избор на мис, туку се работи за колекција што според својата вредност и значење е во рангот на Третјаковската галерија во Москва, Атолските икони од Света Гора во Грција, и секако, збирката икони од манастирот Света Катерина на Синај каде се чуваат најстарите сочувани икони во светот.
Почетокот на функционирањето на Галеријата на икони, се разбира не во денешниот облик, датира од 1961 година кога по повод 12. Конгрес на византолози одржан токму во Охрид првпат се собрани и на едно место презентирани најрепрезентативните и најстарите икони од црквите и манастирите на охридскиот регион. Иконите биле изложени во припратата на црквата Света Богородица Перивлепта, а каталогот што за таа намена го напишал професорот Воислав Ѓуриќ и ден денес претставува една од главните референци за сите проучувачи на иконописот.
Иконите од Охрид од 1983 се сместени во т.н. „забавачница“, просторија во која претходно пробите за своите претстави ги одржувале актерите од поранешниот охридски театар, а одреден временски период биле и наставни простории за потребите на блиското основно училиште „Свети Климент Охридски“. Овој простор каде што денеска се наоѓа Галеријата на икони во 1983 година е доделен на управување и владеење на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музај – Охрид. Покрај таа во 1983, поголема адаптација на објектот е извршена во 2000 година по повод јубилејот „Две илјади години христијанство“, кога таа го добива денешниот излед, со сите потребни пропратни апарати за одржување на микроклиматските и безбедносните услови, така што Галеријата во моментов претставува еден од најдобро заштитените и одржуваните објекти од тој вид во земјата.
Според Национална класификација на културното наследство на поединечни предмети и збирки, според сите параметри Збирката икони, литургиски и други предмети при Галеријата на икони од Охрид каков што е најзиниот целосен назив, би требало да биде категоризирана како културно наследство од особен интерес, за која веќе е изготвен комплетен елаборат што за жал, што се уште не е усвоен од надлежните.
-Тоа не значи дека таа не ги поседува тие карактеристики, напротив, збирката се состои од неколку стотини објекти од кои 80 отсто се икони, меѓу кои и голем број ремек-дела на иконопиот, но и дела на применета уметност кои според својата вредност можат да се носат со слични предмети од многу попознати збирки ширум светот. Малиот простор со кој располага галеријата не дозволува да бидат изложени сите дела со кои рапсолага, но тоа е најмалиот проблем, вели Георгиевски.
Тој појаснува дека засега во галеријата се изложени 37 икони од самиот врв на иконописот на овие простори, кои не само што претставуваат ремек-дела сами по себе, туку буквално го отсликуваат карактерот и хронолошкиот развој на ликовната уметност, од најстарите периоди на иконописот кај нас. Од минатата година сталната поставка на Галеријата е збогатена и со изложба во долниот изложбен простор, каде по ѕидовите се изложени дваесеттина фреско-копии и исто толку уметнички предмети во неколку витрини. Ремек-дела кои буквално го отсликуваат карактерот и хронолошкиот развој на ликовната уметност, од најстарите периоди на иконписот кај нас.
Најстарата икона во нашата збирка е иконата со претстава на свети Василиј Велики и вети Никола, насликана во средината на 11 век, околу 1040/45 година, стара речиси милиениум. За да доживее таква старост, таа морало да биде изработена од квалитетни материјали и врвни мајстори. Пред илјада години тука живееле и твореле мајстори кои навистина си го знаеле занаетот, знаеле со каков материјал треба да работат, вели тој.
Георгиевски уште истакнува дека речиси 90 проценти од користениот материјал за нивна изработка е од органско потекло, материјал што постојано работи, за кој мора да се води постојана грижа, со редовни контроли како да се работи за жив организам. Грижата за иконите мора да биде редовна и постојана, мора да се следи нивната состојба, секоја евентуално забележана промена на соодветен начин да се третира, притоа употребувувајќи идентични или компатибилни материјали на оригинално употребените.
-Независно што генерално државата кубури со кадар како хемичари, технолози и особено конзерватори со специјалност за заштита на иконопис, сепак, водени од нашата голема желба за заштита на нашето културно наследство за наредните генерации и ентузијазмот кој, за среќа, се уште не држи, успеваме да ги заштитиме и одржиме во кондиција овие непроценливи уметнички дела, вели Георгиевски.
Икони од Галеријата во Охрид првата промоција надвор од просторите на Македонија ја имаат 1963 година во Националната галерија во Љубљана, додека надвор од просторот на поранешната државна заедница во 1965 година на изложбата „Икони од Македонија до 11. до 17. век“ во павилјонот Марсан на познатиот музеј „Лувр“ во Париз. Иконите од Охрид континуирано се дел од најзначајните и најголемите изложби ширум светот организирани на тема на византиската уметност, изложувани и презентирани во најпознатите светски музеи во Ватикан, Падова, Рим, Токио, Утрехт, Лондон…
Во 1967 година нашите икони се презентирани во далечната Јапонија во националните музеи во Токио и Кјото, на изложба насловена „Македонски икони од Југославија“ каде предизвикуваат огромен интерес што постои и денес.
-Многу колеги историчари на уметност дел од своето знаење и образование го стекнале благодарение на нашето културно наследство, токму овде проучувале и го подготвувале своите магистерски и докторски трудови. Минатото лето имав можност лично да се уверам за големиот интерес што владее во Јапонија за нашата култура. Потврда на тоа беше посетеноста на неколкуте предавања што ги одржав таму на теми поврзани со иконите и мојата работа воопшто, профилот на заинтересираните и дискусиите после предавањата на односната тема, изјави Георгиевски.
Кога пак станува збор за самиот процес на подготовки за секое изложување на иконите надвор од самата Галерија, иконите од Охрид не мрднуваат ниту милиметар без да ги следи, организира, дозволи Георгиевски лично. Тој забележува дека во принцип сите активности со иконите се мошне сензитивни бидејќи како предмети тие се мошне чувствителни, како поради нивната старост, кревкост, така и поради нивната непроценлива вредност. Се што е поврзано со нивно манипулирање, ракување, пакување дури и за најмало преместување или транспорт, па и да е најблиска дестинација како што е лабораторијата за конзервација во Скопје, е предизвик, зафат што бара особено внимание.
-Од моментот кога иконите треба да ја напуштат матичната галерија, а тоа понекогаш може да трае и до неколку месеци, прва и единствена грижа е состојбата на иконите, во каква состојба ќе заминат и во каква соетојба ќе бидат вратени. Ниту една икона од галеријата во Охрид не заминала без притоа организаторот на изложбата или кураторот да обезбеди услови според највисоки светски музејски стандарди, вели Георгиевски притоа посочувајќи дека највисоки стандарди се применуваат и кога станува збор за самиот транспорт, осигурувањето на предметите, обезбедувањето, дури и местото во музејот каде кураторот предвидел нивно изложување.
Како илустрација за тоа, Георгиевски ја посочува изложбата во холандскиот град Утрехт во 2011 година, инаку најголемата изложба на артефакти од Македонија организирана во странство.
-Таму беа изложени 159 предмети од кои 52 икони. Ние имавме неколку сугестии на кои инсистиравме, што беа целосно прифатени од кураторот и авторот на изложбата. Преку заедничка консултација беа прифатени сите наши сугестии, во концепцискиот, но најмногу во техничкиот дел на презентирањето на иконите, заради нивно максимално физичко обезбедување и избегнување секакви ризици од нивно евентуално оштетување, забележува Георгиевски.
Секоја музејска поставка на предмети каква што е впрочем и Галеријата на икони, бара постојана грижа за предметите, артефактите што ги поседува. Георгиевски вели дека грижата за сите предмети од Галеријата е секојдевна, секако дека најмногу се води сметка да се држат во најдобра кондиција оние икони што се дел од постојаната поставка. Ним им се дава приоритет.
-Последните десетина години, што целосно, што делумно се конзервирани повеќе од сто икони, од кои девет врвни дела од постојаната поставка. Кога зборувам за конервација мислам на тотална конзервација, дури и отстранување на остатоци од некои претходни зафати што поради небрежност, работа на брзина и користење несоодветни материјали нанеле повеќе штета отколку заштита на иконите. За среќа, последните десеттина години серозно и мултидисиплинарно е пристапено кон конзервацијата. Од десеттина од иконите се отстранети некомпатибилни материјали користени при претходна конзервација, произволни реконструкции, досликувања, така што е задржана автентичноста на оригиналот од периодот кога биле создадени. Барем за десеттина од нив тврдам дека се заштитени за наредните триесеттина години, рече тој.
Георгиевски со жалење констатира дека денешните околности, брзото темпо на живеење, некои други приоритети, резултираат со драстично намалена посетеност на Галеријата. Поразителен е податокот дека барем половина од охриѓани не ни знаат дека во градот има Галерија на икони.
-Како институција задолжена за заштита на културното наследство и негова презентација, наша задача е да ги привлечеме луѓето да дојдат и да го видат нашето, заедничко културно-историско наследство. Навиката за однос кон културата се стекнува и гради од најрана возраст, тешко е човек од 50 или 60 години да го однесеш во музеј доколку претходно не стекнал навика или определени предзнаења за културата. Треба уште од најрана возраст кај децата да се всади љубов кон културното наследство што го создавале нивните предци. Се надевам дека негователките, учителите, наставниците ќе почнат организирано да ги носат децата да ја посетат Галеријата, вели Георгиевски.
Организирани се повеќе наменски, времени изложби на дел од експонатите од збирката, испраќани се покани до образовните институции, циркуларни писма…
-Одѕивот е поразителен, истакнува Георгиевски…„Ретко доаѓаат иако влезот за нив е бесплатен или се работи за симболична сума. Сепак, сметам дека најмногу зависи од луѓето го работат со децата. Доколку учителот или наставникот сака да ги донесе, децата ќе дојдат, доколку не тие нема ниту да знаат што можеле да видат. Се надевам дека во иднина работите ќе се сменат но, сегашната ситуација не ветува многу“.
Милчо Георгиевски наскоро го завршува својот професионален ангажман во Галеријата на икони, за неколку месеци заминува во заслужена пензија. Неговата повеќедецениска поврзаност со иконите неизоставно го покренува прашањето кај него, кој ќе продолжи да води сметка за нив, кој ќе го наследи.
-Искрено да кажам ме загрижува фактот што не гледам некој да пројавил интерес да го заземе моето место, да го продолжи она што јас го работав, да се грижи за иконите на начин како што тоа го правев јас. Станува збор за работа што бара целосна посветеност, а барем засега не гледам интерес некој да го продолжи тоа. Би бил најсреќен доколку за овој период што ми преостанува на оваа должност до пензионирањето би се нашол амбициозен, образуван човек на кој би му пренел дел од своите искуства, да му дадам насоки за кои сум сигурен дека би му биле од полза во работата, вели тој, изразувајќи надеж дека ќе се најде млад човек кој ќе продолжи да се грижи за најубавите икони од Охрид, со еднаква љубов и поосветеност како неговата, потврдена во секој ден од изминатите повеќе од три децении…
Александар Бачиќ